Динамо по 49 години даде гол во нокаут-фаза!

102
Дани Олмо

Во Лига Европа (ЛЕ) се одиграа првите мечеви од шеснаесетфиналната рунда на кои фаворитите, со мали исклучоци, стигнаа до посакуваните резултати. Тимовите на македонските интернационалци, Стефан Ристовски (Спортинг), Дејан Илиев (Арсенал) и Аријан Адеми (Динамо З.), не се прославија, но имаат шанси за натамошен пласман, додека Елиф Елмас (Фенербахче) славеше со 1-0 над Зенит.

Загрепски Динамо предводен од Аријан Адеми како капитен, водеше на гостувањето во Плзен, но потоа прими два гола и загуби со минимални 1-2 што влева надеж дека може да се најде во следната осминафинална рунда.

Водечкиот гол за „сините“ што го даде младиот Шпанец, Дани Олмо во 41-та минута беше прв во нокаут-фаза во еврокуповите за Динамо, по оној на Маријан Черчек по 1970-та. Историски два гола за чешкиот клуб постигна и Лудек Перница, први, европски, за еден одбранбен играч на Плзен, по 1979 година!

Стефан Ристовски влезе во игра во 28-та минута на мечот Спортинг – Вилјареал (0-1) на кој Португалците во финишот од мечот, од 77-та минута, имаа играч помалку поради вториот жолт картон на Акуња. Спортинг го очекува тешка задача во реваншот, како поради поразот, така и поради фактот што Вилјареал сезонава нема загубено ниту еден натпревар во Лига Европа (ЛЕ).

Фенербахче ја продолжи серијата од 12 меча без пораз на домашен терен во ЛЕ, со победата над Зенит од 1-0. Македонскиот интернационалец Елиф Елмас мина 78 минути на теренот.