Де Брујне: На Сити му недостига само триумф во ЛШ

66
Тренерски дуел Зидан - Гвардиола

Многумина за оваа генерација фудбалери на Манчестер сити ќе речат дека е неуспешна ако не ја освои европската титула, вели пред мечот со Реал, првиот асистент во составот на Гвардиола, Кевин де Брујне

Доколку не триумфира во Лигата на шампионите (ЛШ) многумина за оваа генерација фудбалери на Манчестер сити, и покрај доминацијата во Англија и неколкуте освоени трофеи последниве години, ќе речат дека е неуспешна, изјави, меѓу другото, пред вечерашниот прв осминафинален меч против Реал во Мадрид, Кевин де Брујне, првиот асистент во составот на Пеп Гвардиола

Во овие зборови на Де Брујне има доста вистина со оглед на фактот дека последнава деценија (пре)богатите газди на Сити од Абу Даби потрошија многу пари за купување фудбалери со една главна цел – триумф во ЛШ. Четирите титули во Премиер-лигата (2012, 2014, 2018, 2019), двата ФА-купа (2011, 2019) и четирите Лига-куп трофеи (2014, 2016, 2018, 2019), се мала утеха за шеиците, кои згора на тоа сега имаат и многу проблеми со двегодишната суспензија од ЛШ, што им ја изрече Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) за непочитување на финансискиот ферплеј.

Сити го очекува тежок противник, Реал, најтрофејниот со 13 титули, против кого последен пат играше во полуфиналето во ЛШ во 2016-та и беше елиминиран (0-0 и 1-0). На играчки план, во тимот на Сити под прашалник се Рахим Стерлинг и Лирој Сане, додека Зидан не ќе може да смета на Еден Азар.

Ова ќе биде и прв тренерски дуел Пеп Гвардиола – Зинедин Зидан, кои имаат успешни, трофејни кариери. Помеѓу 2008 и 2012 година, Гвардиола освои 14 трофеи со Барселона, две во ЛШ, во 2009 и 2011-та и три последователни титули во шпанската Ла лига (2009-2011). 


Јувентус со Роналдо е фаворит против Лион

Во последниот осминафинален натпревар, Лион го пречекува Јувентус. Италијанскиот тим предводен од Кристијано Роналдо, кој пред неколку дена го одигра 1.000-от натпревар во кариерата, важи за фаворит во овој двомеч. Проблем за тренерот Маурицио Сари е неконзистентната форма на играчите во средниот ред. Но враќањето на Џорџо Кјелини по повредата ќе биде засилување во одбраната, а нападот со Пауло Дибала како лажна деветка е во топ форма и му создава многу простор на Роналдо, кој постигнуваше голови на 11 натпревари во низа. Лион не е во добра форма, особено на домашен терен, но сепак е способен да приреди изненадување.