Дешам е на два чекора до Загало и до Бекенбауер

59

Французинот Дидие Дешам во 1998 година како капитен ја предводеше Франција до првата титула светски фудбалски првак, на Светското првенство (СП) што се играше во таа земја. Од 2012 година тој е селектор на „триколорите“ и сега, на СП 2018 во Русија, има шанса да се израмни со две фудбалски легенди, Бразилецот Марио Загало и Германецот Франц Бекенбауер.
Само тие двајца досега успеале да станат светски прваци како фудбалери и како селектори. Загало го направи тоа во 1958 и во 1962 година, како фудбалер, и во 1970 година, како селектор. Бекенбауер, пак, славеше во 1974-та на теренот, а во 1990-та на клупата. Згора, Бекенбауер беше капитен на Германија на Мундијалот во 1974 година.
Франција денеска го игра првиот полуфинален меч на СП 2018, против Белгија (Дешам ќе постави и нов француски рекорд за селектор со 11-ти меч на СП). Победникот од таа средба ќе се сретне во финалето в недела во Москва, со селекцијата што ќе слави утре, на дуелот Англија – Хрватска.