Децата маскоти плаќаат и до 800 евра во Премиер-лигата

184

Вест Хем, Евертон, Лестер и Тотенхем наплаќаат од 450 па до 800 евра, а кај некои од најголемите и најбогати клубови во Англија, како Манчестер сити, Челси, Ливерпул, Арсенал и Манчестер јунајтед, тоа е бесплатно

За да биде нивното дете маскота на фудбалски натпревар во англиската Чемпионшип-лига, втора по квалитет, зад Премиер-лигата, родителите во просек треба да платат по 528 евра, открива истражувањето што го направи Би-би-си. За многу деца можноста да се излезе заедно на теренот со нивните фудбалски херои е остварување на сонот. Клубовите ги поттикнуваат родителите на таков чекор со тоа дека „пакетот е подарок што вашето дете никогаш нема да го заборави“.

Повеќето „пакети“ вклучуваат комплетна опрема, билети за натпреварите, фотографии и автограми, како и излегување на теренот со фудбалерите пред почетокот на мечот. Некои од најголемите и најбогати клубови во Англија, меѓу кои е и шампионот, Манчестер сити, не ја наплаќаат таа „услуга“. Исто е и со маскотите на Челси, Ливерпул, Арсенал и Манчестер јунајтед, кои се избираат по случаен избор, преку нивните навивачки здруженија.

Но некои други клубови добро го наплаќаат тоа. Вест Хем, на пример, на маскотите им наплаќа по 770 евра за натпреварите на „чеканите“ против „врвните шест тима“ во лигата. Да се биде маскота на Евертон чини околу 800 евра, но тоа важи за два до три меча годишно (бесплатно е за другите мечеви), а парите се наменети за добротворни цели. Лестер е високо на листата на клубови што наплатуваат од родителите, по 665 евра доколку сакаат нивните деца да бидат клупски маскоти. Тотенхем за тоа зема по 450 евра.

– Срамота е што некои побогати деца можат со пари да станат маскоти. Кога јас бев помлад, да се биде маскота беше награда за големата лојалност кон клубот. Да се заработуваат пари од овие т.н. „пакети“ е неприфатливо и е исмејување на сите нешта што треба да ги претставува фудбалската игра – вели Мартин Џејмс, од потрошувачката интернет-страница „Резолвер“. 


Сити има маскоти од 102 и 97 години

Манчестер сити лани во септември веројатно ги имаше највозрасните маскоти во историјата на Премиер-лигата. Вера Коен (102) ги предводеше фудбалерите на Сити на мечот против Фулам на стадионот „Етихад“, заедно со својата сестра Олга Халон, која има 97 години. Вера е редовна на натпреварите повеќе од 85 години и уште оди на секој домашен меч, заедно со Олга, со синот Дани и со зетот Роџер. Вера пред мечот го прегрна менаџерот Пеп Гвардиола, а потоа и разговараа по натпреварот.
– Пеп е неверојатен, она што тој го направи за овој тим има нешто во врска со него, тој го добива најдоброто од играчите. Се надевам дека ќе остане засекогаш тука – изјави Вера.
Неверојатно, но Вера не е највозрасната маскота на професионален фудбалски натпревар во Англија последниве сезони. Тој рекорд, се чини, му припаѓа на навивач на Престон, Бернард Џонс (105), кој го предводеше својот тим против Шефилд венздеј на првиот викенд од сезоната 2017/2018 во Чемпионшип.