Десетти меч на Роналдо со барем четири гола

150

Португалскиот напаѓач четири пати се запиша во листата на стрелците во победата над Литванија, со што 22. пат постигнува повеќе од еден гол на еден натпревар за Португалија

Кристијано Роналдо вторпат во кариерата постигна четири гола за фудбалската репрезентација на Португалија, откако завчера четири пати се запиша во листата на стрелците во победата над Литванија, на гости, со 5-1, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Претходно Роналдо четири гола постигна на дуелот со Андора, на домашен терен, во победата со 6-0, во квалификациите за Светското првенство (СП) во 2018 година.

Според податоците на специјализираната интернет-страница за фудбалска статистика „трансфермаркт“, за Роналдо ова беше 10-ти пат да постигне барем четири гола на еден натпревар. Тој постигнал по пет гола на два меча за Реал Мадрид во домашното првенство, а „четворки“ постигнал на два дуела за Португалија, уште на пет за Реал Мадрид во шпанското првенство и еднаш во Лигата на шампионите, исто така во дресот на „кралскиот клуб“.

Ова беше и 22. пат како Роналдо постигнува повеќе од еден гол на еден натпревар за Португалија (досега одигра 160 меча). Тој сега има вкупно 93 гола за репрезентацијата, за која досега постигна двапати по четири гола, уште шест хет-трика (три гола на еден меч), 14 пати по два гола и уште 39 гола на 39 натпревари. Вкупно, Роландо има 54 хет-трика во својата кариера, од тоа 44 за Реал Мадрид, осум за Португалија (вклучувајќи ги и мечевите со четири постигнати гола) и по еден за Јувентус и за Манчестер јунајтед.

Португалскиот напаѓач постави и нов рекорд за број на голови во квалификации за ЕП, сега има 25, надминувајќи го за два гола досегашниот рекордер Роби Кин од Република Ирска. Роналдо постигна и 30 гола во квалификации за СП, потоа девет на ЕП, седум на СП…

Според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА), Роналдо од 93-те гола, 43 постигна дома, 35 на гости и 15 на неутрален терен. Тој постигнувал гол на 61 меч, од тоа 51 пат Португалија победила, а по пет пати ремизирала и загубила. Роналдо е рекордер според бројот на постигнати голови во квалификации и на ЕП (34), голови на завршен турнир на ЕП (девет, израмнет со Французинот Мишел Платини), најмногу ЕП на кои постигнува голови (четири), најмногу голови на официјални мечеви (72), во европски квалификации за СП (30) итн.