Десетте најплатени фудбалери заработиле над половина милијарда долари

105

Според магазинот, Меси за годинава е прв на листата, со 126 милиони долари, зад него се Роналдо со 117, Нејмар со 96 милиони долари итн.

ЛИСТА НА „ФОРБС“ ЗА 2020 ГОДИНА

Аргентинецот Лионел Меси (33) од Барселона е најбогатиот фудбалер во светот, според американскиот магазин „Форбс“, со вкупна заработка од 126 милиони долари за годинава. Од таа сума, 92 милиони се од платата, плус 34 милиони од комерцијални и спонзорски договори, објави „Ројтерс“.
Португалецот Кристијано Роналдо (35), играч на Јувентус, најследениот светски фудбалер на социјалните мрежи, е на второто место според заработката, со 117 милиони долари. Бразилецот Нејмар од ПСЖ е трет на листата на „Форбс“, со заработка од 96 милиони, а неговиот тимски колега, 21-годишниот Французин Килијан Мбапе е на четвртата позиција, со 42 милиони долари.

Потоа на листата се освојувачот на титулата првак на Англија со Ливерпул, Египќанецот Мохамед Салах, играчот за врска на Манчестер јунајтед, Французинот Пол Погба, францускиот интернационалец во Барселона, Антоан Гризман, Велшанецот Герет Бејл од Реал Мадрид, напаѓачот на Баерн, Полјакот Роберт Левандовски и голманот на Манчестер јунајтед, Давид де Хеа од Шпанија.

На Меси му останува уште една година од договорот. Со останувањето во шпанскиот клуб, Меси може да добие бонус за лојалност вреден 83 милиони долари, што значи дека веројатно и следната година може да биде на првото место на листата според заработката, пренесува „Ројтерс“.