Девет сезони англискиот првак не ја одбранува титулата

134
Манчестер сити ќе ја брани ланската титула

Во истиот тој деветгодишен период, Баерн шест пати по ред беше првак на Германија, Барселона двапати по двапати беше првак во низа во Шпанија, Јувентус во Италија освои седум титули по ред во Италија, а Пари сен Жермен четири пати беше првак од 2013 до 2016 година во Франција

Новата сезона во англиската фудбалска Премиер-лига, веројатно во моментов најсилното домашно клупско натпреварување во Европа, почнува в петок, со повеќе претенденти за титулата. Во минатата сезона трофејот убедливо, згора и со многу соборени рекорди, го освои Манчестер сити.
Периодот пред почетокот на сезонава е поинаков од повеќе претходни, поради скратениот преоден рок во Англија за трансфери меѓу англиските клубови (до првото коло, а не како досега, до крајот на август), како и поради уште невратените во ритам фудбалери од продолжениот одмор по настапите на Светското првенство (СП) во Русија.

Манчестер сити од петок ќе се обиде да направи нешто што не го направил ниту еден тим веќе девет сезони – да ја одбрани фудбалската титула во Англија. Пред девет години тоа му успеа на Манчестер јунајтед, а оттогаш шампиони беа, но во следната сезона не ја одбранија титулата, по ред – Челси, Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Челси, Лестер и Челси, а лани уште еднаш Манчестер сити, кој ќе се обиде да ја прекине оваа традиција.
Во истиот тој деветгодишен период Баерн шест пати по ред беше првак на Германија, Барселона двапати по двапати беше првак во низа во Шпанија, Јувентус во Италија освои седум титули по ред во Италија, а Пари сен Жермен четири пати беше првак од 2013 до 2016 година во Франција.

Како претенденти за титулата англиските медиуми ги вбројуваат и Ливерпул, Манчестер јунајтед, Челси, Тотенхем, Арсенал…
Се посочува и податокот дека во сезона по СП често испливува неочекуван првак, но и тоа дека по мундијалите прваците ја освојувале титулата со помалку бодови од вообичаено.

Згора, Манчестер сити ќе се обиде и првпат во својата историја да го одбрани трофејот, откако претходно бил првак и во 1937 (следната година испаднал), 1968 (13-ти во следната сезона), 2012 (второ место во следната сезона) и во 2014 година (второ место во следната сезона).