Деби на Болт во знакот на „неговите“ бројки

118

Славниот атлетичар одигра 19 минути во своето фудбалско деби, во дресот на австралискиот Централ кост маринерс

Фудбалското деби во саботата, на најбрзиот човек во светот, некогашниот атлетичар Усеин Болт (32), помина во знакот на „неговите“ бројки. Спринтерот од Јамајка сега е фудбалер на австралискиот Централ кост маринерс и на дресот го носи бројот 95, со асоцијација на неговиот светски рекорд на 100 метри од 9,58 секунди.
Првиот гол на мечот беше постигнат за 19 секунди, колку што приближно му треба на Болт да претрча 200 метри (неговиот светски рекорд е 19,19 секунди). Средбата се одиграла пред 9.958 гледачи (одново бројки со асоцијација на 9,58-те секунди).
Маринрес во тест-меч го победи својот младински тим со 6-1. Болт не го почна мечот, во игра влезе во 71-та минута, при резултат 6-0. Дури и неговата брзина не беше доволна за да постигне гол, задоцнувајќи за дел од секундата во една шанса.

– Ова беше добро, беше како што очекував. Мислам дека физичката подготовка ми е многу подобра отколку пред една недела, кога пристигнав тука. Во моментов само се обидувам да се приспособам на играчите. Тие ме прифатија, се обидуваат да ме научат на некои работи на тренинзите, ме охрабруваат – рече Болт.

Публиката (над просекот на Централ кост маринерс во австралиската А-лига, кој е 7.194 гледачи по меч, и рекорд за еден претсезонски натпревар на тој тим) со скандирање „го сакаме Болт“ го побара неговото влегување, а потоа со одушевување го следеше секој потег на славниот атлетичар, светски рекордер, олимписки и светски шампион.