Двегодишната трансфер-сага заврши со потпис на Гризман во Барселона

84

Антоан Гризман денес го официјализираше трансферот во Барселона по двегодишната трансфер-сага и честите поврзувањa на Франзуцинот со шампионот на Примера, јавува „Марка“.

Сега веќе поранешниот играч на Атлетико Мадрид беше еден од главните кандидати да го замени Нејмар во 2017 година, но Гризман одлучи да го продолжи договорот со „јорганџиите“, а Барса се одлучи да го купи Османе Дембеле. Оттогаш, пристигнувањето на крилниот напаѓач на „Ноу камп“ стана главна тема на медиумите во Шпанија, но и во светот.

Уште во октомври 2017 година, Барселона ги планираше своите чекори за трансферот на Гризман за следното лето. Сите во клубот знаеја дека тој би можел да пристигне и да игра со Лионел Меси, а доказ за тоа биле реакциите на Луис Суарез кој наводно бил загрижен дека Гризман ќе го замени во тимот.

Минатото лето, имаше голем број на индикации дека тој конечно ќе го напушти Мадрид и ќе замине во Барселона, но ниту лани тој не успеа да го реализира трансферот.

Гризман со емотивно видео на 14 мај се поздрави со фановите на Атлетико Мадрид, а извршниот директор на клубот Мигел Анхел Хил Мартин на 12 јуни експлицитно кажа дека Французинот заминува во Барса.

Крилниот напаѓач ја откри својата нова дестинација на крајот на јули, кога неговата откупна клаузула падна од 200 на 120 милиони евра, но Барселона првенствено сакаше да преговара со ривалот од Мадрид, комуникација која на крајот излезе како неуспешна. „Јорганџиите“ како замена го побараа Нелсон Семедо, идеја која ја одбија од „Ноу камп“. Потоа тие се обидоа да договорат исплаќање на трансферот на Гризман на рати, момент поради кој челниците на Атлетико излегоа со силни критики и за играчот и за Барселона.

Така, без други можности, Барселона мораше да ги плати 120-те милиони за откуп на договорот на Антоан Гризман, со што се заврши двегодишната сага за тоа кој ќе биде неговиот следен клуб.