Давид Силва 400 меча за Сити, Агуеро 400 гола

123
Давид Силва

Може да имате една добра сезона, но речиси 10, тоа просто е неверојатно, вели за Силва, менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола

Актуелниот првак на Англија, Манчестер сити во супериорен стил, забележа нова првенствена победа во Премиер-лигата, на гости над Борнмут, 3-1. Овој меч ќе остане забележан по двајцата играчи на Сити, Шпанецот Давид Силва (33), кој го одигра 400-от меч во кариерата за овој клуб и по Аргентинецот Серхио Агуеро (31), кој стигна до бројката од 400 погодока (235 за Сити) на клупски и на репрезентативен план во кариерата.

Серхио Агуеро

Силва е 14-от фудбалер што одиграл 400 и повеќе мечеви за Сити, и прв по Пол Пауер во 1980-та. Силва има забележано 85 асистенции и креирал 747 шанси за постигнување гол во Премиер-лигата во која настапува од 2010-та, повеќе од кој било друг фудбалер во минатата деценија, притоа освојувајќи и четири шампионски титули. Ниту еден друг играч нема повеќе од 60 асистенции во минатата декада во Премиер-лигата.

– Може да имате една добра сезона, но речиси 10, тоа просто е неверојатно. За навивачите, за мене, привилегија е тоа што тој го има направено за овој клуб. Играчи како него му помогнаа на Сити да се етаблира во Премиер-лигата и во Европа. Јас првично не мислев дека тој ќе биде толку успешен, затоа што е технички играч. Тој не е играч што „оперира“ од едниот до другиот шеснаесетник и мојата претстава за англискиот фудбал, пред да дојдам тука, беше таква што мислев дека можеби нема да успее. Среќен сум што мојот прв впечаток се покажа како погрешен. Тој е еден од технички најнадарените и најинтелигентни играчи на мал простор, еден од најдобрите на сите времиња. Тој е натпреварувач и победник, бидејќи преживеа толку долго време во Премиер-лигата – истакнува тренерот на Сити, Пеп Гвардиола.

Силва дојде во Англија кога фудбалот во таа земја доживуваше промени. Тој мораше да и се приспособи на таквата игра, но, од друга страна, и ја трансформира покажувајќи дека фудбалот може да се игра и на поинаков начин.
Неговите нозе можеби не се толку брзи како во помладите години, но дури и на 33-годишна возраст тој на мечот против Борнмут истрча 10,86 км повеќе од кој било од соиграчите. Таа работна етика, желбата да се даде максимум, беше огромен фактор за неговиот успех.

Агуеро, пак, првиот гол, на 16-годишна возраст, го даде во дресот на Индепендиенте, на мечот против Естидијантес (2-2) во ноември 2004-та. Во следните две сезони тој даде 23 гола, по што во 2006-та мина во Атлетико Мадрид, каде што за пет години постигна 101 гол. Во Сити е од 2011-та и за осум сезони освои четири титули, првак на Англија и еден ФА-куп.
– Серхио има неверојатно чувство за голови во 16-те метри, тоа е нешто уникатно во светот на фудбалот – вели Гвардиола.