Горан Пандев го игра 100-от официјален меч за Македонија

183
Фото: Дарко Андоновски

Среќен сум поради јубилејот, се надевам дека ќе го прославиме со победа, рече Пандев, пред мечот вечерва со Летонија во Скопје, во квалификациите за ЕП 2020. Тој официјалното деби го имаше на дуелот со Турција во квалификациите за СП 2002, на 6 јуни 2001 година, а неофицијалното, шест месеци порано, со шпанската провинција Астурија

На вечерашниот натпревар против Летонија (арена „Филип Втори“, 20.45 часот) во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2020, капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев ќе го одигра јубилејниот, 100-ти натпревар во црвено-жолтиот дрес.

– Среќен сум поради јубилејот, се надевам дека ќе го прославиме со победа. Подготвени сме за овој меч, атмосферата во репрезентацијата е одлична, очекувам да го добиеме. Мислам дека оваа селекција има квалитет за високи дострели и заслужува да се најде на завршниот турнир на Европското првенство во 2020 година. Моја голема желба и сон е репрезентацијата на Македонија да се пласира на едно големо натпреварување – рече Пандев, на вчерашната средба со новинарите пред мечот со Летонија.

Дебито, официјално, на Пандев за Македонија беше на мечот против Турција (3-3) во квалификациите за Светското првенство (СП) 2002 во Јужна Кореја и во Јапонија, на 6 јуни 2001 година во Бурса. Пандев влезе во игра во второто полувреме. Неофицијално прв меч на Пандев во дресот на Македонија е дуелот против шпанската провинција Астурија (0-1) во Овиедо, на 23 декември 2000-та. Но тој меч не се смета, бидејќи е надвор од ингеренциите на ФИФА. Сметајќи го и тој меч 100-от натпревар на Пандев во дресот на Македонија го одигра есенва, на 16 ноември, во Вадуц, против Лихтенштајн (2-0) во Лигата на нациите (ЛН).

Станува збор за импресивна бројка натпревари, за една кариера за почит, што, за жал, досега не беше одбележана и со настап на Македонија на некој завршен турнир, на европско или на светско првенство. Првата шанса за пласман на ЕП 2020 за Македонија е преку квалификациите, во групата Г, во која се Полска, Австрија, Израел, Словенија и Летонија (на ЕП ќе одат двете првопласирани). Втората шанса е преку ЛН, односно триумф на турнирот во март во 2020 година.

Да не беше доброволното повлекување од репрезентацијата пред неколку години Пандев, кој на 27 јули ќе наполни 36 години, сигурно ќе имаше многу повеќе од 100 меча. Пандев рече дека не жали за доброволната репрезентативна пауза, објаснувајќи го тоа со тогашната лоша клима во и околу репрезентацијата, што не сакал повеќе да ја трпи. За повторното враќање, како што вели, се решил по наговор од сегашниот селектор, Игор Ангеловски.

– Имам многу убави спомени од играњето за репрезентацијата, им благодарам на сите селектори со кои имав добра соработка, на колегите фудбалери. Секој од 99-те натпревари и 33-те постигнати гола се посебни на свој начин, но морам да издвојам два, тоа се натпреварите против Шпанија (2-3) и против Холандија (2-2) во Скопје, нив ќе ги паметам до крајот на животот – вели Пандев.

Пандев е во зрели играчки години во кои повеќето фудбалери размислуваат за крајот на активната кариера и за тоа што ќе прават потоа.

– При крај сум на кариерата, секако дека сум свесен за тоа. Но во моментов сум фокусиран само на обврските во Џенова и во репрезентацијата. Летово ми завршува договорот со Џенова, веќе имам понуда за продолжување на уште една сезона. Ќе видиме, треба да размислам, треба да се договорам и со семејството што и како натаму – вели Пандев.


Ангеловски: Македонија на секој меч ќе оди на победа

Убеден сум дека ако Македонија одигра на нивото како на минатите натпревари, ќе забележиме победа против Летонија. Секако на овој, како и на кој било друг меч, не влегуваме со мисла дека ќе биде лесно. Напротив, на сите ни е јасно дека нема лесни противници, сите се квалитетни и за да се победат треба да се даде сѐ од себе, да се одигра најдобро, вели селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, пред вечерашниот меч (20.45 часот) со Летонија во квалификациите за фудбалското ЕП 2020.
Ангеловски рече дека добро е простудирана играта на Летонија, која од неодамна има и нов селектор, Славиша Стојановиќ.
– Летонците тешко даваат, но и тешко примаат голови, а најопасни се при прекините и во воздушните дуели, во скок-играта. На тие работи треба да внимаваме и да не дозволиме да бидеме изненадени. За мене ниту една репрезентација не е лоша, секоја има одреден квалитет. Тоа значи дека нема лесни победи, само со правилен пристап и со максимално залагање може да се добие натпревар, никако поинаку – истакнува Ангеловски.
Македонија е во квалификациската група Г, во која нема изразити фаворити од калибарот на светскиот првак, Франција, европскиот Португалија, Шпанија, Италија, Германија, Белгија или Англија, што не значи дека ќе биде полесно да се стигне до завршниот турнир на ЕП 2020.
– Можеби нема велесили, но во групата има многу квалитетни репрезентации. Македонија на секој меч ќе оди на победа, ќе се обидеме да освоиме што е можно повеќе бодови, кои би нѐ одвеле на завршниот турнир в година. Мислам дека имаме квалитет да забележиме таков успех – рече Ангеловски. 


И Един Џеко ќе го одигра 100-от меч

Од земјите од Балканскиот Полуостров, рекордери според бројот на настапи (повеќе од 100) за најдобрите фудбалски селекции на своите земји се Гркот Јоргос Карагунис (139 меча), Хрватот Дарио Срна (134), Романецот Доринел Мунтеану (134), Турчинот Рушту Реџбер (120), Србинот Бранислав Ивановиќ (105), Бугаринот Стилијан Петров (105) и Словенецот Боштјан Цесар (101). Един Џеко в сабота треба да го одигра 100-от меч за БиХ.
Од разни причини, некои од најславните светски фудбалери немаат одиграно многу репрезентативни настапи за своите земји. Јохан Кројф, на пример, има само 48 меча за Холандија, Герд Милер 62 за Германија, Пеле 92 за Бразил итн. 


Седлоски прв во „клубот сто“

Со одигрувањето на 100-от фудбалски меч за Македонија, вечерва против Летонија, Горан Пандев ќе се израмни со Гоце Седлоски, кој, исто така, одигра 100 натпревари во националниот дрес, во периодот од 1996 до 2010 година. Најблиску до Пандев и до Седлоски, според бројот на репрезентативни натпревари за Македонија, се фудбалери што веќе ја завршија кариерата. Тоа се Величе Шумуликоски со 84, Артим Шаќири со 72 и Игор Митрески со 70 официјални натпревари. Од активните, актуелни репрезентативци на Македонија, најмногу натпревари досега одигра Иван Тричковски, 54. Тој ќе ги пропушти двата натпревара неделава, со Летонија вечерва и против Словенија, в недела.

laste.d@novamakedonija.com.mk