Голот што ја почна технолошката револуција во фудбалот

226
Без непризнаениот гол на Лампард можеби фудбалот уште ќе беше во чекалницата на технологијата

Френк Лампард, на мечот на 27 јуни во 2010 година, меѓу Англија и Германија во осминафиналето на СП, во првото полувреме биеше од шеснаесетина метри, топката удри во пречката и потоа падна зад гол-линијата, што беше видливо на ТВ-снимките, но судиите не можеа да го видат тој момент. Сепак, тоа беше грешка со позитивни консеквенции за фудбалот, оти веќе по две години почна да се употребува систем за гол-линијата, кој, пак, беше предвесник на технологијата што сега широко се употребува, позната како ВАР

ТОЧНО 10 ГОДИНИ ОД НЕПРИЗНАЕНИОТ ГОЛ НА АНГЛИЈА НА СП 2010

Пред точно 10 години беше постигнат гол што не беше признаен, но беше главен момент за почеток на експанзијата на технологијата во фудбалот, како помош за судиите. „Стрелец“ на тој гол беше англискиот репрезентативец Френк Лампард, на мечот на 27 јуни, меѓу Англија и Германија во осминафиналето на Светското првенство (СП) во Јужна Африка во 2010 година, во кој победи Германија со 4-1. При резултат 2-1, Лампард во првото полувреме биеше од шеснаесетина метри, топката удри во пречката и потоа падна зад гол-линијата, што беше видливо на ТВ-снимките, но судиите не можеа да го видат тој момент.

Сепак, тоа беше грешка со позитивни консеквенции за фудбалот. Иако многу години пред тоа се разговараше и се тестираа неколку системи за гол-линијата, по случката на СП 2010 се интензивираа повиците за употреба на видео и на друга технологија за искоренување на вакви и слични спорни моменти.
По тоа планетарно првенство во 2010 година, Светската фудбалска федерација (ФИФА) почна да тестира системи за надзор на гол-линијата, а Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ), телото задолжено за измени на фудбалските правила, веќе во јули 2012 година дозволи употреба на таква технологија.
Потоа, од големите меѓународни натпреварувања, веќе на следното Светско првенство, во 2014 година во Бразил, се користеше системот „око соколово“ за следење на гол-линијата, а првиот признаен погодок со помош на видеотехнологија се случи на 15 јуни 2014 година, на натпревар од групната фаза, помеѓу Франција и Хондурас.

Но фудбалот не запре на гол-линијата, затоа што спорни ситуации има на целиот терен. Така почна да се развива сега познатиот систем видеопомошник-судија (ВАР), кој на најголемата фудбалска сцена беше употребуван на претходниот Мундијал, во 2018 година, во Русија.
ВАР се употребува и во Лигата на шампионите, Лига Европа и во многу домашни и меѓународни клупски и репрезентативни натпреварувања во светот, а на европските првенства првпат треба да биде употребен в година, на одложеното континентално првенство.

Без непризнаениот гол на Лампард можеби фудбалот уште ќе беше во чекалницата на технологијата. Самиот Лампард инсистира на тоа дека не размислува на случката и дека е среќен што ја промени играта на позитивен начин.
– Не размислувам многу за тоа. Не можам да видам многу значење за да имам непроспиени ноќи за тоа. Ја смени играта на подобро, па сум задоволен од тоа. Тоа е позитивен потег за играта како целина, со воведувањето на технологијата за гол-линијата – рекол Лампард во 2014 година, а пренесоа британски медиуми.