Годината со еден збор – ВАР

44

Многумина се на ставот дека главниот ефект на ВАР е уништување на драматичноста на натпреварите што е интегрален дел од популарноста на фудбалот, коментира „Фајненшл тајмс“

Непристоен рефрен кон системот видеопомошник-судија (ВАР) е најслушан есенва на англиските фудбалски стадиони, пишува „Фајненшл тајмс“. Тоа одеше на сметка на технологијата што требаше да им помогне на судиите на теренот при донесувањето одлуки, особено при некои спорни ситуации.

Фер е да се каже дека воведувањето ВАР во Премиер-лигата не беше целосно успешно, истакнува „Фајненшл тајмс“ наведувајќи ја дефиницијата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) дека ВАР треба да помогне судијата да се осигури дека „не е направена очигледно погрешна одлука“, особено при досудување одлуки за пенал или за тоа дали голот е регуларен.

Многумина сметаат дека главниот ефект на ВАР е уништување на драматичноста на натпреварите што е интегрален дел од популарноста на фудбалот. Сега, кога ќе се постигне гол, навивачите не смеат премногу да се радуваат, мораат да ги смират емоциите сѐ додека службеното лице во ВАР-просторијата не ја прегледа видеоснимката од сите можни агли, коментира „Фајненшл тајмс“.

Примери има многу, но како најконтроверзни се издвојуваат два на иста тема. Во првото коло сезонава, голот на Рахим Стерлинг од Манчестер сити на мечот против Вест Хем (5-0) беше поништен откако ВАР утврди дека тој со пазувите се наоѓал во офсајд. Истото му се случи и на Роберто Фирмино од Ливерпул на дуелот против Астон вила (2-1).

Објаснувањето дека Стерлинг и Фирмино на тој начин добиле непрописна предност повеќето стручњаци и коментатори го нарекоа апсурдно. Поранешниот италијански судија, Пјерлуиџи Колина, ги бранеше ваквите одлуки со образложение дека не постои „мал офсајд и голем офсајд“, туку само офсајд, пишува весникот.

ВАР беше воведен за да се елиминираат сериозните грешки на судиите. Но за да се постигне тоа, очигледно, ќе треба да се плати висока цена, пишува „Фајненшл тајмс“. Или, како што напишал еден новинар, „ВАР направи постигнувањето гол да изгледа како завршување со пишување книга. Прво имате наплив на адреналин, потоа чекате којзнае колку време некој уредник далеку од вас да одлучи дали е добра или не“.