Гледачите се враќаат на трибините, но не смеат да се гушкаат славејќи голови

89

Љубителите на фудбалот што ќе имаат среќа да набават билети мора да држат задолжителна физичка дистанца, да носат маски и не смеат да се прегрнуваат или да се ракуваат при прослава на погодоци. Пеењето и навивањето формално не се забранети, но се замолуваат гледачите да внимаваат на своето однесување и да избегнуваат контакти

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Првпат по 270 дена гледачите се вратија на фудбалските стадиони во Англија. На стадионот „Емирати“ во Лондон имаше 2.000 гледачи на Арсенал на мечот против Рапид Виена (4-1) во Лига Европа. Малобројните љубители на фудбалот на стадионот што е со капацитет за 60.000 луѓе беа на прописно растојание и со маски на лицата.
Пред натпреварите викендов премиерлигашките клубови ги потсетуваат гледачите што ќе имаат среќа да набават билети дека мора да држат задолжителна физичка дистанца, да носат маски и оти не смеат да се прегрнуваат и да се ракуваат при прослава на погодоците, објави „Ројтерс“.
Протоколот во Премиер-лигата за враќање гледачи на 10 од 20-те стадиони, појаснува дека иако во Велика Британија на отворено не е потребна маска за лице, гледачите ќе мора да ги носат на стадионите. Гледачи од исто домаќинство ќе можат да седат заедно, но сите други ќе мора да бидат прописно оддалечени. Пеењето и навивањето формално не се забранети, но гледачите се замолуваат да внимаваат на своето однесување и да избегнуваат контакти. При напуштањето на стадионите тие ќе мора да се придржуваат кон одредени протоколи и да држат растојание.
Сиве овие работи се во насока на безбедно враќање на гледачите на трибините, како и за натамошно лобирање до Владата да дозволи пилот-настани со поголем број присутни. Прв натпревар во Премиер-лигата со публика ќе биде денешниот Вест Хем – Манчестер јунајтед. На сите натпревари ќе има најмногу до 2.000 гледачи.