Германците на тежок поправен испит против светските прваци

118
Германија и Франција ремизираа без голови, минатиот месец во Минхен

 Германија, која нема постигнато гол на три меча во низа, првпат во фудбалската историја вечерва гостува кај Франција во Лигата на нациите

Германија, светскиот фудбалски првак од 2014 година, „го допре дното“, коментираат медиумите во таа земја по саботниот пораз од Холандија, со 0-3 на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам, во Лигата на нациите (ЛН). Тоа за нив беше највисок пораз досега од „лалињата“, петти на последните девет натпревари, наедно и трет официјален натпревар во низа без постигнат гол, првпат во германската фудбалска историја.

Неволјите да бидат поголеми за Германците, вечерва ги очекува ново, тешко искушение, мечот против актуелниот светски првак Франција во Париз. „Триколорите“ не се поразени на 14 натпревари едноподруго, а против Германија на последните четири средби по двапати победија и ремизираа. Натпреварот во ЛН минатиот месец во Минхен заврши без голови, 0-0. Со нов пораз Германците, кои имаат само еден бод по двата меча, ризикуваат да испаднат од лигата А, но со победа би се нашле на првата позиција во групата 1, во која Франција има четири, а Холандија три бода.

По завршувањето на квалификациите за Светското првенство (СП) годинава во Русија, во ноември 2017-та, Германците забележаа само три победи на 12 натпревари, една на СП, против Шведска (2-1) и две на пријателските средби, против Саудиска Арабија и против Перу.

Селекторот Јоаким Лев (58), кој е на оваа позиција од СП 2006, на мечот со Холандија по 168. рекорден пат беше на клупата на Германија. Со тоа тој го надмина легендарниот Сеп Хербергер (167 меча), кој на СП 1954 во Швајцарија стана светски првак со тогашна Западна Германија. Трет во таа категорија е Хелмут Шен (139 натпревари), потоа Берти Фогтс (102 средби) итн. Лев е под голем притисок поради последните лоши игри и уште полошите резултати.

– Во моментов најмногу ни недостига самодовербата. Не сме во најдобра форма, но ни недостигаат и некои повредени играчи. Но најголемиот проблем е во тоа што не ги користиме шансите – вели Лев. Л.Д.