Германија повеќе не е фудбалска велесила?

95

Германија на шесте меча годинава (без синоќешниот со Холандија) имала поголем посед на топката од противниците, без да го ефектуира тоа во позитивни резултати

Португалија, Англија, Швајцарија и Холандија или Франција ќе настапат на завршниот фудбалски турнир што ќе се одржи во Португалија (во Порто и во Гимараеш) во јуни в година, на кој ќе се добие првиот победник во новоформираната Лига на нациите (ЛН). Англија и Швајцарија, ги добија решавачките дуели против Хрватска (2-1), односно против Белгија (5-2) иако беа во негатива од гол или два. Холандија синоќа во Гелзенкирхен ѝ гостуваше на веќе испадната во понизок ранг (лига Б), Германија на мечот од кој ѝ беше потребен еден бод за пласман на фајналфор-турнирот. Од поразот на „лалињата“ корист ќе има(ше) светскиот првак Франција. Од елитната лига А, во лигата Б, се селат Полска, Исланд, Германија и Хрватска.

Германија, четирикратниот светски првак, доживеа нов „нокаут“ по оној на Светското првенство (СП) во Русија, кога беше елиминирана уште во групната фаза. Постојат повеќе причини за ваквиот дебакл и допрва ќе следуваат анализи. Можно е цехот да го плати селекторот Јоаким Лев, со отказ, а веројатно ќе следува и „рез“ во најдобрата селекција на „панцирите“.

Деновиве во јавноста со свое видување на работите се јави поранешниот репрезентативец, центархалфот, Ханс-Петер Бригел, кој вината ја побара во „тактиката на Пеп Гвардиола“. Тој потсетува на времето кога Гвардиола беше тренер во Баерн, и на неговата фудбалска филозофија, која се сведува на тоа неговиот тим да има голем посед на топката, што, според Бригел, не одговара на менталитетот на германските фудбалери. Колку има вистина во ова ќе покажат анализите, но факт е дека Германија на шесте меча годинава (без синоќешниот со Холандија) имала поголем посед на топката од противниците, без да го ефектуира тоа во позитивни резултати.

Како изненадување, негативно секако, може да се оквалификува убедливиот пораз на Белгија од Швајцарија во последниот меч (2-5) во ситуација кога ѝ беше доволен еден бод за освојување на првото место. Хрватска за малку не успеа да биде прва во силна конкуренција (со Англија и со Шпанија), но беше конкурентна и како што стојат работите смената на генерациите, како и во случаите со Шпанија и со Италија, кои имаат и нови селектори (Луис Енрике и Робертро Манчини) и нови, млади играчи во најдобра селекција, нема да значи и квалитетен регрес.

Во лигата Б немаше поголеми изненадувања кога станува збор за најдобрите, бидејќи фаворитите, Украина, Русија, БиХ и Данска се пласираа во лигата А. Во понизок ранг се селат Турција и Р Ирска. Во лигата Ц беше резултатски најнеизвесно, односно мечевите од последната рунда, синоќа и вечерва решаваат за победниците во групите. Во таа конкуренција можеби најнепријатно изненадување е Словенија, која е последна во групата 3 и без победа на петте натпревари, а синоќа ѝ гостуваше на Бугарија во Софија. Од лигата Д, очекувано Грузија и Белорусија, најверојатно Македонија и Косово или Азербејџан (играат вечерва во Приштина) се селат во повисок ранг. 


ПЛАСМАНИ ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ
ЛИГА А: Фајналфор за титулата: Португалија, Англија, Швајцарија и Холандија или Франција. Испаѓаат во лига Б: Германија, Исланд, Полска и Хрватска.
ЛИГА Б: Пласман во лига А и во плејоф за ЕП 2020: Украина, Данска, БиХ и Русија или Шведска. Испаѓаат во лига Ц: С. Ирска, Р. Ирска, Турција и Словачка или Чешка.
ЛИГА Ц: Пласман во лига Б и во плејоф за ЕП 2020: Финска, потоа Израел или Шкотска, Норвешка или Бугарија и Србија или Романија. Испаѓаат во лига Д: Словенија, Литванија, Естонија и најслабата третопласирана.
ЛИГА Д: Пласман во лига Ц и во плејоф за ЕП 2020. Грузија, Белорусија, Македонија или Ерменија и Косово или Азербејџан.
податоците се пред синоќешните мечеви