Вредноста на тимовите опаднала за околу девет милијарди евра?

47

Во моментов тешко е да се замисли дека трансферите во блиска иднина ќе растат како што беше случај претходните години, вели основачот на интернет-страницата „Трансфермаркт“, Матијас Сајдел, пренесува „Би-би-си“

ФУДБАЛ

Вредноста на тимовите во англиската Премиер-лига е намалена за околу 1,6 милијарда фунти (1,82 милијарда евра) поради кризата со пандемијата на коронавирусот, проценува интернет-страница за статистика во фудбалот „Трансфермаркт“, пренесува „Би-би-си“.
Предвидувањата на интернет-страницата се дека поради падот на цените на пазарот, Манчестер сити би претрпел најголема загуба, од околу 225 милиони фунти (256,3 милиони евра), лидерот во Премиер-лигата, Ливерпул, би бил втор најголем загубар, со пад на вредноста на своите играчи од 205 милиони фунти, а процените се дека Норич би претрпел најмалку загуби, 21 милион фунти, најмногу поради тоа што голем број негови највредни играчи, како Тод Кантвел, Макс Аронс, Бен Годфри и Џамал Луис, се родени по 1998 година, пишува „Би-би-си“.
Во анкетата на „Трансфермаркт“ учествувале повеќе од 300 влијателни луѓе во фудбалската индустрија, при што повеќе од 70 отсто се изјасниле дека очекуваат кризата да има значително влијание врз трансфер-бизнисот.

– Цените на фудбалскиот пазар колабираа. Многу клубови може да бидат загрозени поради несолвентноста, а плановите за трансфери се во застој поради многуте неизвесности – проценува основачот на интернет-страницата Матијас Сајдел, пренесува „Би-би-си“.
Според процените на „Трансфермаркт“, пресликани и на другите големи фудбалски лиги, вредноста на играчите глобално е намалена за околу девет милијарди евра. Овие бројки се само процени, но голема е веројатноста вредноста на трансфер-зделките значително да опадне поради пандемијата, пишува „Би-би-си“.

– Глобалниот пад на трансфер-зделките е реакција на сегашната вонредна состојба, која може уште повеќе да се влоши во следните неколку недели. Во моментов тешко е да се замисли дека трансферите во блиска иднина ќе растат како што беше случај претходните години – истакнува Сајдел.
„Трансфермаркт“ има предвид најразлични статистички податоци, вклучувајќи ги возраста на играчот, должината на договорот и сите претходни трансфер-зделки, потоа тие податоци детално се дискутираат со многуте соработници на страницата, пред да се објави проценетата вредност, пишува „Би-би-си“.