Во осминафиналето се можни дуели со светски и европски прваци

82

ПАТОТ НА ГРУПАТА Ц КОН 16-ТЕ НАЈДОБРИ НА ЕП 2020

Актуелниот светски шампион Франција, потоа некогашните планетарни прваци Италија, Англија, Шпанија и Германија, како и европскиот првак Португалија, се меѓу потенцијалните противници и на македонската фудбалска репрезентација во осминафиналето на Европското првенство (ЕП) в година. Македонија е во групата Ц, во која се и Холандија, Австрија и Украина. Според пропозициите, во осминафиналето на ЕП ќе се пласираат двете првопласирани репрезентации од секоја од шесте групи, како и четирите најдобри селекции меѓу третопласираните.
Пласманот на првото ЕП е историски успех за македонската репрезентација, но кои се патиштата по кои може да тргнат црвено-жолтите поминувајќи ја групата Ц? Победникот на групата Ц во осминафиналето ќе игра со третопласираната селекција од групите Д, Е или Ф, во Будимпешта. Во групата Д се Англија, Хрватска, Шкотска и Чешка, во групата Е се Шпанија, Шведска, Полска и Словачка, а во групата Ф се Унгарија, Португалија, Германија и Франција.
Второпласираниот од групата Ц, пак, за пласман во четврт-финалето ќе настапи во Лондон, на „Вембли“, со победникот на групата А, во која се Турција, Италија, Велс и Швајцарија. Третопласираната селекција од нашата група во евентуалното осминафинале може да се сретне со победникот на групата Е, во Глазгов, или со победникот на групата Ф, во Букурешт.


МОЖНИ ПРОТИВНИЦИ ВО ОСМИНАФИНАЛЕТО

победникот на група Ц со третопласираниот од групите Д, Е или Ф, во Будимпешта
второпласираниот во групата Ц со победникот од групата А, во Лондон
третопласираниот во групата можеби со победникот во групата Ф, во Букурешт, или со победникот во групата Е, во Глазгов