Во овој преоден рок потрошени 50 отсто помалку од ланскиот рекорд

41

Според интерактивната страница на „Гардијан“, клубовите во Англија, Шпанија, Франција, Германија и во Италија во летниот преоден рок потрошиле над 2,5 милијарди фунти, па до завршувањето на трансфер-периодот в понеделник, малку е веројатно дека вложувањата во нови играчи низ Европа ќе го надминат рекордот од минатото лето, кој изнесуваше пет милијарди фунти

Најдобрите пет европски фудбалски лиги (во Англија, Шпанија, Франција, Германија и во Италија) потрошија повеќе од 2,55 милијарди фунти (околу 2,79 милијарда евра) за време на летниот преоден рок годинава, кој треба да заврши в понеделник, а англиската Премиер-лига вложила околу 1,23 милијарда фунти (околу 1,34 милијарда евра) и покрај финансиските ограничувања на клубовите поради пандемијата на коронавирусот, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“.
Според весникот, со оглед на падот на приходите, кои настапија како последица на мерките, кои уште пролетта беа воведени поради пандемијата на коронавирусот, пред сѐ отсуството на публика, потрошената сума за трансферите изгледа мошне висока.
Премиер-лигата води на оваа листа, а интернет-страницата „Трансфермаркт“ евидентирала 1,03 милијарда фунти за нови фудбалери во врвните англиски клубови од отворањето на трансфер-прозорецот на 27 јули, пишува „Гардијан“. Се очекува оваа бројка да се зголеми до завршувањето на годинашниот летен преоден рок.

Малку е веројатно дека трошоците за трансфери низ Европа ќе го надминат рекордот од минатото лето, кој изнесуваше пет милијарди фунти (околу 5,47 милијарда евра), од кои 1,4 милијарда фунти (околу 1,5 милијарда евра) беа во Премиер-лигата, според „Делоит“, но сигурно ќе се инвестираат уште пари, откако се зборува за уште неколку можни трансфери.

За разлика од Премиер-лигата, која поради огромните приходи од маркетингот и од ТВ-правата се покажа како имуна на финансиското влијание на пандемијата, во англиската дивизија Чампионшип трошоците за трансферите се намалени на 77,86 милиони фунти во споредба со минатата година, кога „Трансфермаркт“ објави вложување од 175,06 милиони фунти, пишува „Гардијан“.
Според интерактивната страница на весникот, италијанската Серија А е следниот најактивен трансфер-пазар во Европа во летниот преоден рок годинава, со околу 687 милиони фунти, а потоа следуваат шпанската Ла лига со околу 625 милиони фунти, француската Лига 1 со околу 543 милиони и германската Бундес-лига со околу 495 милиони фунти. 


ВЛОЖЕНИ ПАРИ ВО ТРАНСФЕРИ ЛЕТОВО

Англија 1,23
Италија 0,68
Шпанија 0,62
Франција 0,54
Германија 0,49
сумите се приближни и се во милијарди фунти

Извор: „Гардијан“