„Во моментот кога топката пристигна пред нозете на Пеле, фудбалот се претвори во поезија“

110

Тешкотијата, извонредноста, не е да постигнете 1.000 гола како Пеле, туку да постигнете еден гол како Пеле, рекол Карлос Драмонд де Андраде, бразилски поет, а Енди Ворхол рекол: Пеле беше еден од ретките што се спротивставија на мојата теорија – наместо 15 минути слава, тој ќе има 15 века

ФИФА ПРЕНЕСЕ ИЗЈАВИ НА СЛАВНИ ЛИЧНОСТИ ЗА ПЕЛЕ НА НЕГОВИОТ 80. РОДЕНДЕН

Светската фудбалска федерација (ФИФА) го одбележа 80-от роденден на кралот на фудбалот, Бразилецот Едсон Арантес до Насименто, познат како Пеле. Меѓу другото, ФИФА објави статија со изјави што ги дале познати лица со различни професии за единствениот фудбалер со три титули светски првак, играчот што многумина го сметаат за најдобриот на сите времиња. Ви пренесуваме дел од тие изјави.
Нелсон Мандела: Да го гледате како игра беше да се гледа задоволството на детето во комбинација со извонредната елеганција на човекот.
Пепе за ФИФА: Тој немаше ниту 18 години. Да се стори сето тоа на Светско првенство, во финалето… 99 проценти од поддржувачите на Шведска навиваа за Пеле. Пеле беше од Сатурн.
Енди Ворхол: Пеле беше еден од ретките што се спротивставија на мојата теорија – наместо 15 минути слава, тој ќе има 15 века.
Тарцисио Бургнич, дефанзивецот на Италија што го чуваше Пеле во финалето на СП 1970: Пред самиот натпревар си реков: Тој е направен од кожа и коски, како и сите други. Но, погрешив.

Тостао до ФИФА: Мислам дека Пеле беше подобар од сите нив. За мене нема споредба. Марадона беше спектакуларен, но не беше физички на нивото на Пеле, не ги постигна бројките на головите што Пеле ги направи. Меси е спектакуларен, но тој не шутира толку добро со двете нозе, не ги повлекува потезите како Пеле. Кристијано Роналдо е исклучителен играч, ја има способноста што ја имаше Пеле, но тој не ги прави неверојатните додавања што ги направи Пеле. Ако ги земете квалитетите на Кристијано Роналдо и Меси, ги ставите заедно, тогаш ќе имате играч за споредба со Пеле.
Пауло Сезар Кају во ФИФА: Се сеќавам на една сцена од финалето на СП 1998. Костум и вратоврска. Црвен тепих. Тука беа Еузебио, Бекенбауер, Грегори Пек, Елизабет Тејлор, Бартон, Ален Делон, Род Стјуарт. Таква вознемиреност, полн стадион, убава трибина. Тогаш се случи луда работа. Пеле влезе на трибината и сите застанаа, стоеја и плескаа со рацете околу пет минути. Спектакуларен, спектакуларен.
Пјер Паоло Пасолини, италијански поет: Во моментот кога топката пристигна пред нозете на Пеле, фудбалот се претвори во поезија.
Ерик Кантона: Уметник, во моите очи, е некој што може да осветли темна просторија. Никогаш нема да ја најдам разликата помеѓу додавањето од Пеле на Карлос Алберто во финалето на СП 1970 и поезијата на младиот Рембо. Во секоја од овие човечки манифестации постои израз на убавина што нѐ допира и ни дава чувство на вечност.
Карлос Драмонд де Андраде, бразилски поет: Тешкотијата, извонредноста, не е да постигнете 1.000 гола како Пеле, туку да постигнете еден гол како Пеле.
Ференц Пушкаш: Најголемиот играч во историјата беше Ди Стефано. Јас одбивам да го класифицирам Пеле како играч. Тој беше над тоа.

Дидие Дрогба за ФИФА: Неговото височество, неговото височество, Кралот. Моето прво видео, ВХС, што го гледав беше како играте на сите овие светски првенства, испраќајќи позитивни пораки. Ви благодарам што ја споделивте страста.
Мик Џегер: Апсолутно сите сакаа да се ракуваат, да се фотографираат со него. Да се каже дека сте се дружеле со Пеле беше најголемиот знак за чест.
Роналдо за ФИФА: За Бразилците, да се зборува за Пеле е да се зборува за нешто многу посупериорно од сите.
Дунга до ФИФА: Пеле е мит за мене. Мит за кој не можете да дискутирате. Тој успеа да запре војна. Пеле правеше работи што не се човечки.
Јохан Кројф: Пеле беше единствениот фудбалер што ги надмина границите на логиката.
Јирген Клоп во ФИФА: Кога имав пет или шест години, татко ми ми рече „што и да се случи во иднина, најдобриот играч на сите времиња секогаш ќе биде Пеле“. Таа 2006 година уште е еден од најголемите денови во мојот живот. На мојот роденден ми го подаривте познатиот дрес со бројот 10 и со вашиот автограм – ќе го чувам засекогаш.
Џакинто Факети: Заедно скокнавме за удар со глава. Бев многу повисок. Кога се вратив долу, зачудено погледнав. Пеле беше уште таму, виси во воздух, со глава ја удира таа топка. Се чинеше дека може да остане во воздух толку долго колку што сакаше.

Карл-Хајнц Румениге за ФИФА: Во однос на вештините, тој беше најдобриот досега во светот. Тој едноставно беше неверојатен пред голот. Тој не само што беше најдобар светски играч туку и најдобар амбасадор за фудбалот. Никој во светот не направи толку многу за фудбалот.
Ј.Б. Пинеиро, бразилски амбасадор во Обединетите нации: Пеле играше фудбал 22 години и во тоа време тој направи повеќе за да го промовира светското пријателство и братство од кој било друг амбасадор на кое било место.
Коста Переира за поразот на Бенфика од Сантос со 5-2 на Интерконтиненталниот куп во 1962 година во Лисабон: Стигнав со надеж дека ќе запрам еден голем човек, но отидов убеден дека ме победи некој што не е роден на истата планета како и ние преостанатите.