Во Лондон сеанглиска и единствена „нешампионска“ пресметка

189

Неделава се играат првите четвртфинални натпревари во ЛШ. Од осумте најдобри сезонава, Тотенхем и Манчестер сити досега не биле европски прваци, а токму тие играат меѓусебе вечерва

Со вечерашните и утрешните први четвртфинални натпревари продолжуваат возбудувањата во најквалитетното клупско европско фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ). Во завршницата, меѓу најдобрите осум има четири тима од Англија – Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем, што е потврда на доминацијата на островскиот фудбал. Меѓу преостанатите четири тима има по еден од Шпанија (Барселона), Португалија (Порто), Италија (Јувентус) и од Холандија (Ајакс).

Вкупно шест од овие клубови освоиле 21 европска титула, и тоа Ливерпул и Барселона по пет, Ајакс четири, Манчестер јунајтед три, а Јувентус и Порто по две. Преостанатите два четвртфиналисти немаат трофеи во ЛШ, но Тотенхем славел во Купот на победниците на куповите (КПК) во 1963 година и двапати во Купот на УЕФА (сега Лига Европа), во 1972 и во 1984 година, а Манчестер сити има еден европски пехар, од КПК, во 1970 година. Вкупно осумте клуба освоиле 42 европски трофеи во сите конкуренции, сметајќи ги и триумфите на шесте континентални прваци во другите купови на УЕФА.

Во сеанглиската пресметка, прво во европска конкуренција, Тотенхем, на новиот стадион (капацитет 62.062 места) во вториот официјален натпревар, прв во куповите на УЕФА, го пречекува Манчестер сити, тимот што е во одлична форма, атакува дури на четири трофеи, и од Божиќ досега постигна 72 гола. Кога станува збор за дуелите меѓу тимовите што ги предводеле двајцата менаџери (во Англија и во Шпанија), многу е поуспешен Пеп Гвардиола со осумте триумфи, а Маурисио Почетино има само две победи.

Лидерот во Премиер лигата, Ливерпул го пречекува Порто кого лани го елиминира во осминафиналната рунда со вкупен резултат 5-0. „Црвените“ се сметаат за фаворити во овој двомеч, поради подобриот квалитет и моментната форма (девет победи и пет ремија на последните 14 меча), но и поради статистиката која вели дека Порто не победил на ниту едно од 18-те гостувања во Англија. Како можен хендикеп што евентуално би можел да го искористи Порто се спомнува фокусираноста и големата желба на Ливерпул да ја освои титулата во Англија по пауза од 29 години.

Кога станува збор за утрешните натпревари, па и за следните, Ајакс и Барселона имаат шанса да постават нови рекорди во ЛШ. Во случајот со Ајакс, доколку холандскиот тим успее да стигне до финалето, тоа ќе биде 19-ти натпревар сезонава (почна во втората квалификациска рунда). Но Ајакс, кој во осминафиналето го елиминира бранителот на титулата Реал, ќе има тешка задача во двомечот со Јувентус, кого го победил само еднаш на 12-те меча, последен пат во 1974 година.

Оттогаш Јуве е непоразен на последните девет меча, односно има пет победи на шесте претходни дуели. Ајакс и Јувентус играле во две финалиња на ЛШ (порано Куп на европските шампиони). Во 1973 година Ајакс славеше со 1-0, а во 1996-та Јувентус се реваншира со 4-2, на пенали. Но Ајакс игра во добра форма сезонава, најефикасен е со 29 гола и забележа најмногу победи, осум на 14-те натпревари во ЛШ.

Барселона, пак, јасно, со елиминација прво на Манчестер јунајтед, а потоа и на подобриот од дуелот Ливерпул – Порто, би можела да ја повтори сезоната 2005/06, како и успехот на Манчестер јунајтед во два наврата, во сезоните 1998/99 и 2007/08, кога европската кампања ја завршија без пораз на 13-те меча. Барселона двапати го совлада Манчестер јунајтед во две финалиња во ЛШ, пред 10 години, со 2-0 и во 2011-та со 3-1.