Во „лига петка“ може да бидат прваци истите тимови од лани

132
Осма по ред, а вкупно 35-та титула за Јувентус

Во петте најсилни првенства во Европа титулите од минатата сезона ги одбранија Јувентус и ПСЖ, а во трка се и другите минатогодишни шампиони – Манчестер сити, Баерн и Барселона

Јувентус со победата на домашен терен против Фиорентина со 2-1 во неделата стигна до 35-та титула фудбалски првак на Италија. „Старата дама“ го освои трофејот пет кола пред крајот на сезоната, со 20 бода предност пред второпласираниот Наполи, кој има еден меч помалку. За тимот од Торино ова е рекордна осма титула по ред.

Од другите четири од петте најсилни домашни првенства во Европа, во Премиер-лигата продолжува неизвесната трка за титулата помеѓу Манчестер сити и Ливерпул. Ливерпул има два бода и еден меч повеќе од Манчестер сити. До крајот на сезоната Манчестер сити треба да игра уште со Манчестер јунајтед (на гости), Барнли (на гости), Лестер (дома) и со Брајтон (на гости). Ливерпул, пак, треба да се сретне со Хадерсфилд (дома), Њукасл (на гости) и со Вулверхемптон (на гости).

Во Франција, ПСЖ ја обезбеди новата титула, оти има 19 бода повеќе од второпласираниот Лил на пет кола пред крајот на сезоната. Во Германија, Баерн има еден бод повеќе од второпласираната Борусија (Д) на четири кола пред крајот на сезоната. Во Шпанија, пак, води Барселона со девет бода предност пред Атлетико, на пет кола пред крајот на сезоната.

Во петте најсилни првенства во Европа, т.н. титули „лига петка“ од минатата сезона ги одбранија Јувентус и ПСЖ, а во трка се и другите минатогодишни шампиони – Манчестер сити, Баерн и Барселона.