Видео: Меси дебитираше за Барселона на денешен ден

90

На денешен ден пред 15 години Лионел Меси го имаше дебито за првиот тим на фудбалскиот клуб Барселона.

Аргентинецот ги одигра првите минути за сениорскиот тим на Каталонците на 16 ноември 2003 година, кога Барселона гостуваше на новоотворениот „Естадио До Драгао“ на пријателски натпревар со Порто на Жозе Мурињо.

За овој натпревар, тогашниот тренер на Барселона, Франк Ријкард се реши на голем број младинци, а еден од нив е и Меси, кој на крајот ќе стане една од најголемите легенди во историјата на клубот.

Меси влезе во игра во 75-тата минута и создаде две добри можности за своите соиграчи, а исто така имаше шанса и да даде гол, но промаши од непосредна близина. Тогаш тој имаше 16 години, четири месеци и 23 дена.

При гостувањето во Порто, Меси носеше дрес со број14 на грбот, а речиси една година подоцна, на 16 октомври 2004, дебитираше и во Примера во градското дерби со Еспањол.

До моментов Меси има освоено пет „Златни топки“, девет титули во Ла Лига, шест Кралски купа, четири трофеи од Лигата на Шампионите и постигнато 566 гола за Барселона.