Верувале или не, четврти пораз по ред на Манчестер сити во ЛШ

137

Непријатно изненадување и пораз дома од Лион, со 1-2, доживеа Манчестер сити, еден од тимовите што се сметаат за фаворити за освојување на титулата во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Но патот до трофејот е трнлив, за што сведочи четвртиот пораз во низа за Сити во ЛШ (од Базел во реваншот од осминафиналето и два од Ливерпул во четврт-финалето, во ланската сезона), најмногу од сите англиски клубови во ова натпреварување.

За тоа дека менаџерот Пеп Гвардиола, кој мечот го следеше од трибините поради суспензијата, има за што да биде загрижен покажува и податокот дека Сити прима два гола во првите 45 минути на шест од последните осум меча во ЛШ на домашниот стадион. Очигледно е дека на Сити му недостига повредениот Кевин де Брујне на средината на теренот, но очигледно е дека и други работи не штимаат во тимот на Гвардиола, кој и пред овој меч се жалеше дека неговите избраници непотребно ги комплицираат едноставните работи. Гвардиола пред почетокот од сезоната постојано ги предупредуваше играчите дека ќе биде многу тешко да се повтори ланската брилијантна сезона во Премиер-лигата, во која освоија 100 бода и оти не смеат да му се препуштат на самозадоволството.

– Факт е дека Гвардиола не беше на својата позиција и јас не можам да кажам дека ќе победевме со 5-0 или ќе загубевме ако тој беше на клупата. Во натпреварите во ЛШ имате нула толеранција за грешките, веднаш ве казнуваат. Ако не ги добивате дуелите, ако не играте едноставно и доцните во додавањата, ќе „настрадате“. Тоа ни се случи, не бевме подготвени да бидеме во негатива од два гола по првите 45 минути – изјави Микел Артета, помошникот на Пеп.