Венгер е за промени во правилото за офсајд во корист на напаѓачите

100
Aрсен Венгер

Французинот Арсен Венгер, поранешниот долгогодишен менаџер на Арсенал, сега во улога на стручен советник за развој во Светската фудбалска федерација, предлага измени во правилото за офсајд, кои би им помогнале на судиите на теренот и тоа уште на Европското првенство летово. Со измените би се избегнале и недоразбирањата во толкувањата, кои со воведувањето на системот видеопомошник-судија (ВАР) се зголемија наместо да се отстранат и, според многумина, „го убиваат фудбалот“. Венгер предлага да не се досудува офсајд кога играчот што може да постигне гол со кој било дел од телото е зад или во линија со одбранбениот фудбалер. Односно, ако некој се фрли, шутира и постигне гол со глава, а стапалото му остане во линија со противничкиот фудбалер, голот да се признае. Или, спротивно, доколку некој со лизгачки старт постигне гол, а главата му е во линија со дефанзивецот голот да важи.