Васил Чочков – голманска кариера во два клуба

85

Чочков ги бранеше боите на најпопуларните скопски фудбалски клубови Вардар и Работнички. Кариерата му е исполнета со многу доживувања и другарувања

Една од најинтересните фудбалски личности во периодот кога владееше вистински антагонизам меѓу најпопуларните скопски фудбалски клубови Вардар и Работнички беше голманот Васил Чочков. Тој бранеше и во eдниот и во другиот клуб, а со способноста за комуницирање со сите што го опкружуваа некако дејствуваше смирувачки. Тогаш, а тоа беше кон крајот на 50-тите години од минатиот век, а и десетина години подоцна, се сметаше за вистинско „предавство“ ако некој фудбалер од Работнички замине во Вардар или обратно.
Е, токму Чочков беше еден од првите што немаа страв од тој факт и откако почна да брани, и тоа многу добро за Работнички, помина во Вардар. Тоа беше големо изненадување за симпатизерите на клубот од Дебар Маало, кои сметаа оти оние што почнале да тренираат во нивниот клуб треба „вечно“ да бидат во него и никако не можеа да се помират некој да ја смени клупската боја.

Меѓутоа, како што велиме дека времето ги лечи раните, така со време и симпатизерите на Работнички преболуваа кога некој „нивен“ ќе одеше во Вардар, кој, рака на срце, во тие години беше поквалитетен и поорганизиран и сите млади фудбалери од Македонија тежнееја да заиграат за него. Нема сомнение дека тој беше, а и до денес остана, првиот македонски фудбалски бренд.
– Во почетокот ми беше многу тешко. Поради тој вечен антагонизам што владееше помеѓу двата клуба не знаев како ќе реагираат навивачите на Работнички кога ќе ме видат на голот на Вардар. Имав и трема, а да признаам и страв. Времето беше такво, од срце се сакаше својот клуб. На навивачите им паѓаше тешко кога некој за кој до вчера навиваа и го бодреа ќе ја сменеше средината. Но некако помина и тоа, а кај мене за да се утешам тлееше желбата кога-тогаш повторно да се вратам во матичниот клуб. Тоа и се случи, па, така, на крајот сите бевме задоволни – се сеќава Чочков на тоа време.

ОД ХАЛФ ДО ГОЛМАНСКАТА ПОЗИЦИЈА

Фудбалот беше најпопуларниот спорт по кој „трчаа“ децата по Втората светска војна. Навистина егзистираа и другите спортови, но, сепак, тој беше најголем магнет.
– Токму поради таа популарност и желба за докажување, кога мојот маалски другар Јане, кој веќе тренираше, ми рече и јас да дојдам во Работнички воопшто не се колебав. Тогаш тренер ни беше популарниот Мулац-Ристиќ. Јас сакав да играм халф, па така и почнав. Но нешто подоцна во клубот дојде Томче Филиповски, кој беше поквалитетен од мене, а игравме на иста позиција, па Мулац ми рече дека за мене нема место и да не доаѓам повеќе на тренинзите. Разочаран, се повлеков, но никако не можев да се помирам дека, ете, вратата во спортот што го сакав ми е затворена. Но еден ден повторно другар ми Јане дојде и ми рече: Немаме голман, а ти гледам во маалово кога играме, добар си и кога браниш, па зошто не дојдеш тука да ја пробаш среќата. Не се колебав, отидов и му кажав на тренерот дека кога веќе не можам да играм, да се испробам како голман. Оттогаш почнав да бранам, Мулац беше изненаден и повеќе не го напуштив голот – вели тој.

Брзо помина оној период на адаптација на новата улога и веќе по неколку месеци Васил Чочков стана прв голман на Работнички. Среќна околност за него беше што дотогашниот голман Гичевски, популарно наречен Гинда, беше на залез на кариерата и најави свое заминување.
– Откако Гинда се „пензионира“, вратата ми беше ширум отворена. Го искористив тој момент, бранев добро и веќе немаше дилема дека Работнички го решил голманското прашање – вели Чочков.

ПО ПОКАНА ОД ЏИНА ЗАМИНА ВО ВАРДАР

Чочков се истакнуваше со своите одбрани, па, така, стана интересен и за други клубови, особено за месниот ривал и лут противник Вардар. За антагонизмот помеѓу двата клуба веќе споменав, но тоа не го уплаши Чочков кога од легендарниот Кирил Симоновски-Џина дојде понудата да замине во Вардар. Тој знаеше дека сѐ е минливо, па дури и лутината. Искуството од минатото го потврдуваше тоа.
– Кога дебармаалци се помирија со заминувањето на Радевски, Војче Димитровски, Ванчо Марковски-Фини, зошто да не се помират кога и јас ќе си одам од клубот? Така, и покрај очекуваната жестока реакција на симпатизерите на Работнички, во 1962 година заминав во Вардар, во кој не станав веднаш прв голман, зашто тука беше уште Тоде Георгиевски, а од Шибеник дојде и Коки Милошевски. И самиот не знаев зошто ме зедоа, но подоцна разбрав оти Тоде, поради амбициите да го заврши Правниот факултет, ќе се повлече, па јас со Коки ќе се менувам на голот на Вардар. Така и беше, Тоде набргу го напушти фудбалот и стана правник, кој дотурка и до судија во Врховниот суд, а јас постојано морав да се докажувам покрај поискусниот Милошевски. Но немаше лутење, бранеше оној што во моментот беше подобар. И кога бев резерва се чувствував, особено кога ќе победевме, како и јас да сум заслужен за таа победа – вели Чочков.

Три години практично Чочков беше втор голман, но искуството од патувањата, дружењето и доживувањата не може да ги заборави.
– Од времето во Вардар во сеќавање ми останаа два меча во кои доживеавме порази. Едниот е против Риека, од кој ни зависеше опстанокот во Првата лига, а вториот против Железничар, поради драмата што се случуваше во финишот. На мечот со Риека, како да ни се фатија нозете. Загубивме, но, и покрај поразот, не испаднавме. Ова беше сезоната по катастрофалниот земјотрес, кога солидарноста дојде до полн израз и Вардар, иако според бодовното салдо требаше да се пресели во Втората, сепак по барање на сите прволигаши остана во елитната лига. Оној втор меч што го споменав, со Железничар, ќе го паметам по својата драматичност. Имено, Железничар поведе со 4-0, но на крајот одвај ги освои бодовите и нѐ победи со 5-4 – рече тој.

ВРАЌАЊЕ ВО СТАРОТО ЈАТО

Откако се врати Чочков од војска во 1967 година, Вардар имаше три одлични голмани – Коки Милошевски, потоа Мите Атанасовски, кој дојде од Куманово, и легендарниот Драган Мутибариќ, кого новиот вардаров тренер Душан Варагиќ го донесе од Срем.
– Видов оти тука ќе нема леб за мене и решив да се вратам во Работнички, каде што вратата секогаш ми беше отворена. Така, по покана од тогашниот тренер, инаку прекрасен човек, Илија Игњатовски, си дојдов во старото јато, онаму каде што се чувствував најпријатно и каде што бев прв голман. Дебармаалци, од каде што и јас потекнувам, беа задоволни и повторно имаа за кого да навиваат – во шега вели Чочков. – Токму таа година, 1967-та, кога се вратив во Работнички, тимот испадна од Втората лига, па јас бев најавен како големо засилување. Тоа ми годеше, вредно тренирав и давав сѐ од себе, како што впрочем тоа го правеа и сите други играчи. Така, дојде и резултатот, го освоивме првото место во МФЛ и експресно се вративме меѓу второлигашите – вели тој.

Во текот на долгогодишната кариера, Чочков играше со многу познати имиња на македонскиот фудбал. Тој е горд на тоа и никогаш нема да ги заборави годините поминати на фудбалскиот терен.
– Играв речиси со сите генерации што дадоа голем придонес за развојот на македонскиот фудбал. Во Вардар клупски другари ми беа Дончевски, Илиевски, Дојчиновски, Николовски, Божиновски, браќата Мојсови, Спасовски, Шулинчевски, а во Работнички Филиповски, Богоевски, Тодоровски, Николиќ, Стојановски, Зигоманов, Јаневски (играше и за Вардар – н.з.), Анчевски, Цубалевски. Долг е списокот на фудбалерите што навистина значеа нешто не само во македонскиот туку и во југословенскиот фудбал. Инаку, во кариерата работев и со познати тренери, како Џина Симоновски, Антал Лика, Фрањо Пазмањ, Хуго Рушевљанин, Бојаџиевски-Грк, Јово Никушев, Илија Игњатовски – вели Чочков.

И на крајот, најинтересниот момент од кариерата на Васил Чочков.
– Кога веќе го напуштив бранењето во 1972 година, на Работнички не му тргна најдобро во следната сезона. Едноподруго дојдоа три-четири порази и, нормално, завладеа паника во клубот. Тогаш луѓето од Работнички тропнаа на мојата врата, со молба да се вратам и да помогнам. Не можев да ги одбијам, но им кажав дека враќањето има и своја цена. Ги прифатија моите услови и од тој договор купив една кујна, која беше единствената „добивка“ од Работнички. Ете, таков беше Работнички, дебармаалски, но многу сакан и почитуван фудбалски колектив, не само од мене туку од сите што поминаа низ него – рече поранешниот голман Васил Чочков.


Лична карта

Роден: во 1941 година во Скопје
Кариера: Работнички, Вардар, младинска репрезентација на Македонија
Успеси: првак на Македонија со Работнички и враќање во Втората лига, голман на Вардар во Првата лига, дел од онаа славна генерација