ВАР ќе има и заштита од хакери

78

Организација на ВАР-системот е исклучително комплексна и бара многу планирање, координација и организација. Секој стадион со оптичка врска ќе биде поврзан со центарот во Москва, ФИФА има и план Б, па судите ќе можат да комуницираат со центарот и со обична земна телефонска линија, но сите елементи на системот ќе бидат и со најмодерна софтверска заштита

Светската фудбалска федерација (ФИФА) на минатото Светско првенство (СП) во Бразил во 2014 година ја воведе технологијата за гол-линијата, а за годинашново СП во Русија (14 јуни-15 јули) ќе ја користи модерната технологија видеопомошник-судија (ВАР). Таа ќе помага за решавање на спорните моменти на мечевите, а со намера што повеќе да се намалат судиските грешки.
Организација на ВАР-системот е исклучително комплексна и бара многу планирање, координација и организација. Организаторите велат дека сѐ ќе функционира беспрекорно и дека нема да има одолжување на играта, што критичарите на воведувањето на ВАР го истакнуваат како негов најголем проблем. Секој натпревар на СП за потребите на ТВ-преносите и за ВАР, ќе се снима со по 33 камери. Од нив осум ќе бидат супербавни, а четири ултрабавни. На секој од 12-те стадиони во Русија ќе бидат поставени уште две камери, кои ќе се користат само за офсајд-позициите. Дополнително, од осминафиналето до финалето ќе се употребуваат уште по две ултрабавни камери, кои ќе бидат поставени зад головите.

Сигналот од сите камери ќе се пренесува во контролниот центар на ВАР во Москва со помош на оптичка врска. Таму секој натпревар во посебно студио ќе го прегледуваат четворица судии и сите се со лиценца на ФИФА, која, пак, неодамна ги одреди судиите за системот ВАР. Секој од видеосудиите ќе биде задолжен за еден сегмент од играта. Еден од нив ќе биде главен и само тој, со помош на заштитена радиоврска ќе може да комуницира со главниот судија на теренот, кој, пак, исто така, ќе има можност, ако сака, на екранот покрај теренот да ја погледне спорната ситуација.

Во ВАР-студиото ќе седат и четворица видеооператори, кои на судиите ќе им ги проследуваат снимките од сите камери. Дополнителниот оператор, снимките врз база на кои судиите донеле одлука, во најбрз можен рок ќе им ги достави на ТВ-куќите, а потоа и на операторите на стадионот, кои на официјалниот семафор ќе ги пуштат снимките со објаснување што се случило на теренот и каква одлука донел судијата.
ФИФА има и план Б, ако сите системи паднат, па судите ќе можат да комуницираат со центарот во Москва со обична земна телефонска линија, а по потреба четвртиот судија ќе замине во студиото на стадионот, кое може да се претвори во мал ВАР-центар, за прегледување на снимките, а неговото место покрај теренот ќе го заземе резервниот судија.
Според информациите, ФИФА е свесна и за можни хакерски напади, па затоа сите елементи на системот ВАР ќе бидат со најмодерна софтверска заштита.