ВАР-технологијата приреди шоу во премиерлигашкото деби

198

Шампионот Манчестер сити ја почна сезоната со убедлива победа на гостувањето кај Вест хем од 5-0, и покрај тоа што ВАР-системот првпат во историјата на англиската елита им поништи гол.

ВАР-системот се најде центарот на вниманието во нејзиното премиерлигашко деби. Технологијата беше искористена за да се поништи еден гол на Сити, како и да се признае еден гол, а во финишот на мечот одбранетиот пенал обид на Серхио Агуеро беше повторен по видео-интервенција, за во вториот обид да биде прецизен.

Габриел Жесус во 25-та минута ги донесе гостите во водство, но мечот беше решен во второто полувреме, кога Рахим Стерлинг прво во 51-та минута постигна гол, за само две минути ВАР-системот да ја поништи неговата асистенција кон Жесус за 3-0. Стерлинг во 75-та минута повторно се запиша во листата на стрелците, и повторно беше консултиран ВАР, но овојпат голот беше признат.

„Неславното“ деби на технологијата продолжи во 84-та минута од мечот, кога по досудениот пенал, Лукаш Фабијански го одбрани ударот на Серхио Агуеро, но системот одреди дека тој прерано ја напуштил гол-линијата и пеналот беше повторно изведен, при што Агуеро немаше мака. Конечните 5-0 ги постави Стерлинг, комплетирајќи го хет-трикот во 92. минута.