ВАР сепак ќе се применува и во ЛШ?

55

Челниците на Европската фудбалска унија (УЕФА) на состанокот во Монако, на 30 август, каде што ќе биде извршено и ждребувањето за составот на групите за Лигата на шампионите (ЛШ) за сезоната 2018/2019, треба да продискутираат и за воведувањето видеоасистент-судијата, или ВАР, објави лондонски „Тајмс“.

Во УЕФА досега не беа расположени за воведувањето ВАР, против беше и првиот човек, Словенецот Александар Чеферин, со образложение дека сѐ уште е рано и оти е потребно време за доусовршувањето на таа технологија. Претходно против беше и поранешниот претседател на УЕФА, Мишел Платини, кој наместо ВАР, воведе дополнителни судии зад головите, што не се покажа како најсреќно решение и наиде на критички реакции.

Но главно позитивните искуства од примената на ВАР на Светското првенство (СП) летово во Русија се причина во УЕФА сериозно да почнат да ја разгледуваат опцијата за примена на оваа технолошка иновација, почнувајќи од четвртфиналните мечеви во следната 2018/2019 сезона, првпат во историјата на ова натпреварување.
Во ЛШ и во Лига Европа (ЛЕ) последниве сезони се користи технологијата гол-линија, но воведувањето ВАР се означува како голем чекор напред.

ВАР во новата сезона ќе се користи во четири од петте најквалитетни европски лиги (освен во англиската Премиер-лига), во шпанската Ла лига, во италијанската Серија А, во германската Бундес-лига и во француската Лига 1.

ВАР-системот почна да се разработува во почетокот на 2010 година во Холандија, а експериментално да се применува во првата лига на Холандија од сезоната 2012/2013. Прва земја и лига каде што почна да се користи ВАР беше Австралија, во А-лигата, во 2017-та. Потоа ВАР го презедоа американската МЛС-лига и неколкуте врвни европски лиги.

Воведувањето ВАР од четврт-финалето, а не од групната фаза во ЛШ, е поради големиот број натпревари (има осум групи) и неможноста да се обезбедат доволно квалитетни судии оспособени да го користат системот.
– УЕФА постојано се обидува да ги подобри натпреварувањата и затоа размислува и за примена на ВАР, кој во моментов се тестира на различни натпреварувања. Сè уште постојат некои нејаснотии во врска со имплементацијата на ВАР и сметаме дека е исклучително важно примената, толкувањето и технолошка поддршка да им бидат јасни на сите, вклучувајќи ги и гледачите, и целосно докажани – се вели во соопштението на УЕФА.