ВАР не простува играње со рака

52

Ми се чини дека сме во некоја од оние фази каде што сѐ сфаќаме буквално во Премиер-лигата и можеби треба да му кажеме не на тоа. Играњето со рака постои сто години. Ако е намерно, нема проблем, но тоа мора да биде јасно и очигледно, вели менаџерот на Њукасл, Стив Брус, чиј тим освои еден бод по пенал досуден со помош на ВАР

ФУДБАЛ

Во шпанската фудбалска Ла лига, како и во англиската Премиер-лига сѐ повеќе се разгоруваат дебатите за досудените пенали поради играњето со рака, а реакциите се дека се престрого досудени. Во Премиер-лигата само по три кола (синоќа се играа последните два меча) се досудени шест пенали поради играње со рака во 16-те метри. За споредба, лани во првите три кола не бил досуден ниту еден пенал за играње со рака, а во текот на целото првенство вкупно 19. Во другите европски лиги „стриктното“ применување на правилото уште во ланската сезона резултира со 60 пенали во Серија А и со 50 во Ла лига.
Во Англија и на неделните мечеви повторно имаше многу негодувања за одлуките за пенал на системот видеопомошник-судија (ВАР), кои од почетокот на новата сезона стриктно се придржуваат до новото толкување на правилото воведено оваа сезона. Њукасл освои еден бод на гости против Тотенхем (1-1) со гол од спорен пенал поради играње со рака на Ерик Даер во 97-та минута.

Жозе Мурињо, менаџерот на Тотенхем, рече дека не сака да зборува за тоа, велејќи само дека неговиот тим „заслужува повеќе респект“. Неговиот колега, менаџерот на „свраките“, Стив Брус, имаше доста забелешки за одлуката на ВАР, иако неговиот тим профитира од неа.
– Играњето со рака постои сто години. Ако е намерно, нема проблем, но тоа мора да биде јасно и очигледно. Со ова се губи смислата на играта, се губи спектаклот. Ми се чини дека сме во некоја од оние фази каде што сѐ сфаќаме буквално во Премиер-лигата и можеби треба да му кажеме не на тоа – рече Брус.
Стручните коментатори, Гари Линекер, Џејми Карагер, Џермајн Џенас и други, како и љубители на фудбалот на социјалните мрежи, сметаат дека ваквото толкување на правилото му штети на фудбалот и ја убива играта.