ВАР е фудбалскиот брегзит за премиерлигашите

237

Повеќето луѓе го посакуваа, но не можат да разберат како влијае тој врз играта или како ќе се употребува, пишува „Индипендент“

Во Англија по 11-то коло во фокусот на вниманието повторно е системот видеоасистент-судија (ВАР) поради неколкуте нејасни одлуки, (не)поништени голови и спорни пенали. На мечот Астон вила – Ливерпул (1-2) имаше ситуација кога голот на Роберто Фирмино беше поништен затоа што тој со пазувата бил во офсајд. На мечот Вотфорд – Челси (1-2) имаше спорен пенал за домашните по што менаџерот на Челси, Франк Лампард, апелира што е можно поскоро да се утврдат критериумите и да не се донесуваат одлуки од ракав.

ВАР е фудбалскиот брегзит. Повеќето луѓе го посакуваа, но не можат да разберат како тој влијае врз играта или како ќе се употребува. Потоа се дојде до сознанието дека ВАР не функционира. И никој не знае како треба да се продолжи. Технологијата не може да ги реши проблемите во фудбалската игра, само ги продлабочи контроверзиите и дебатите околу судиските одлуки, пишува во статија на оваа тема „Индипендент“.
Постојат решенија за некои спорни прашања во делењето на правдата во фудбалот, но малкумина официјални лица во тој спорт го признаваат тоа. Но одговорите што ги очекуваат менаџерите, фудбалерите и гледачите сѐ повеќе се зголемуваат. ВАР досега најмногу се посрамоти при досудувањето офсајди, иако има многу недоразбирања и околу играњето со рака во 16-те метри, кое со новите правила задолжително треба да се санкционира. Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, и голем дел од неговите колеги, со право бараат појаснување на правилото во врска со офсајдите. Непризнаениот гол на Фирмино најдобро ја отсликува конфузијата. Помошниот судија го подигна знаменцето сигнализирајќи офсајд. ВАР ја потврди таа одлука и тоа имаше смисла. Работите непотребно ги влоши објаснувањето од Премиер-лигата со графичкиот приказ дека пазувата на Фирмино е пред последниот дефанзивец на Вила. Тоа беше најглупавото можно објаснување. За тоа ли постои офсајдот?, се прашува „Индипендент“.

Правилото за офсајд никогаш не било замислено да се развива во систем во кој линиите на движење на играчите ќе се замрзнат за да се провери дали напаѓачот бил пред одбранбениот играч за еден милиметар. Целосно се изгуби чувството за тоа што е да се биде во офсајд. ВАР дава и зема, или уште полошо, ги влоши работите што требаше да ги подобри. ВАР е очајнички и погрешен обид да се врати вербата во судиите. Тој само ја зголеми недовербата. Брегзит, најверојатно, ќе биде решен многу пред ВАР да профункционира на општо задоволство, оценува „Индипендент“. 


Скандирања против ВАР на стадионите

Претставници на навивачите минатата недела се состанаа и заеднички побараа итно средување на хаосот со ВАР во фудбалското првенство на Англија. Тие се лутат поради одолжувањето при донесувањето одлуки и недостигот од комуникација на теренот. Скандирањата против ВАР станаа редовна појава на натпреварите и постои загриженост дека работите не одат во добра насока.
– Кога ќе се прекине натпревар од ВАР, има недостиг од комуникација во пренесувањето информации до навивачите на трибините, на кои често им останува да си ги чешаат главите и да се прашуваат што се случува. Поради тоа многу­мина сметаат дека ВАР во моментов има негативно влијание врз играта, без разлика дали одлуките одат во прилог на нивниот тим – изјави портпаролот на Здружението на навивачите.
Премиер-лигата во моментов дозволува информациите за одлуките за ВАР да се соопштуваат на два начина: преку графики на големиот екран, кои покажуваат дека проверката е во тек, и доколку одлуката на судијата биде променета, со видеоснимки се објаснува одлуката. Л.Д.