Варди е 29-от фудбалер со 100 гола во Премиер-лигата

46

На напаѓачот на Лестер за такво нешто му беа потребни 206 натпревари и е 12-ти на листата, на која води Алан Ширер со 100 гола на 124 меча

Џејми Варди (33) постигна два гола за Лестер на мечот против Кристал Палас (3-0), со што ја надмина бројката од 100 гола во англиската фудбалска Премиер-лига. На Варди за такво нешто му беа потребни 206 натпревари поради што не успеа да се најде меѓу првите 10 играчи (12-ти), кои најбрзо стигнале до тоа остварување.
Прв на таа листа е најдобриот стрелец во историјата на Лигата со 260 погодока, Алан Ширер, кој 100-те гола ги постигна на 124 меча. Потоа следуваат Хари Кејн (на 141 меча), Серхио Агуеро (147), Тиери Анри (160), Иан Рајт (173), Роби Фаулер (175), Лес Фердинанд (178), Мајкл Овен (185), Енди Кол (185) и Робин ван Перси (на 197 натпревари), објави „Би-би-си“.

Вкупно 29 фудбалери имаат постигнато 100 и повеќе голови во Премиер-лигата. Варди во 2012 година стана првиот фудбалер со трансфер од над еден милион фунти од клуб надвор од елитните англиски лиги (Флитвуд), а по четири години, во 2016-та, беше еден од најзаслужните за освојувањето на шампионската титула за Лестер. Само Рајт е повозрасен дебитант (на 28 години и 286 дена) во Премиер-лигата од Варди (27 години 232 дена).
– Феноменално достигнување е да се влезе во Премиер-лигата во толку доцна фаза и да се биде толку ефикасен за толку кратко време. Неговата приказна е уникатна кога размислувате за тоа што постигна и секогаш ќе биде инспирација за многумина фудбалери – рече Брендан Роџерс, менаџерот на Лестер.