Браќа близнаци за првпат ќе судат едно куп финале

578
Фото: Зоран Антоски

За првпат едно куп финале од Македонскиот фудбал за младинци, ќе го судат браќа близнаци. Се работи за браќата Марјан и Мартин Дејаноски од Кичево, кои заедно со Осман Зеќири и Фатмир Бафто ќе го сочинуваат судискиот квартет, кој ќе ја дели правдата на младинското финале што ќе се одигра на фудбалскиот комплекс Петар Милошески во Скопје и каде противници ќе бидат најекспонираните клубови во земјава Вардар и Шкендија.

Марјан како главен и Мартин како прв помошник, ветуваат беспрекорна арбитража и победа на подобриот.

-Нам ни припадна честа за првпат да бидеме дел од судискиот квартет кој ќе ја дели правдата на финалниот куп натпревар во младинска конкуренција помеѓу Вардар и Шкендија. Нашиот избор не е само привилегија туку и обврска да бидеме на висина на задачата која ни е доверена. На сите досегашни натпревари на кои сме суделе заедно, како близнаци, имаме неверојатна ментална координација и токму тој флуид кој е присутен помеѓу нас, ни помага полесно и побрзо да се разбираме, а тоа се во интерес на фудбалската игра. Очекуваме од нашата утрешна арбитража да бидат задоволни актерите на куп натпреварот и сите присутни на стадионот во Скопје – велат браќата Мартин и Марјан, кои личат како јајце на јаце, имаат по 24 години и за неколку години очекуваат да зачукаат и на меѓународна сцена.

Тие во минатото беа дел од пионерско–кадетската школа на Напредок, но се одлучија наместо фудбалери да станат делители на правдата.

З.А.