Бразилецот Едмилсон со свој фудбалски камп во Гостивар

135

Под водство на некогашниот бразилски репрезентативец и играч на Барселона и Лион, Едмилсон Мораес, во Гостивар ќе се организира Летен камп за млади фудбалери, најави општината Гостивар.

Летната школа е предвидена за во јуни 2019-та година и ќе биде добра можност за фудбалските таленти од градот, но и цела Македонија да покажат што знаат и умеат на теренот.

Познатиот фудбалер има своја фондација преку која подучува и поддржува млади фудбалери во повеќе земји ширум светот. Едмилсон денес беше во посета на Гостивар и се сретна со градоначалникот Арбен Таравари.

-Првпат сум во Македонија, но знам дека децата овде сакаат да играат фудбал. Јас не сум активен играч шест години, но имам своја фондација во која се вклучени илјадници деца, кои ги подучуваме. Најважното нешто за еден фудбалски играч не се титулите, туку да се биде добар човек и граѓанин. Такви вредности промовираме преку нашиот камп. Сакаме да ги научиме децата што е суштината на фудбалот. Не е тоа само фати ја топката во раце и трчај, туку преку фудбалот се учат важните вредности кои остануваат за цел живот: да бидеш истраен, да се стремиш кон напредок, да развиваш креативност – изјави Едмилсон Мораес.

Едмилсон и Таравари разменија симболични подароци. Фудбалерот го доби Клучот на градот, додека тој на домаќинот му подари дрес на Барселона.

Бразилецот го посети и градскиот стадион кадешто го пречекаа млади фудбалери.