Борусија не купува суперѕвезди, туку ги создава

141
Санчо, Обамејанг, Холанд и Пулишиќ

Санчо, Пулишиќ, Холанд, Реина, Дембеле и Обамејанг се дел од долгата листа млади фудбалери што претходниве години добија шанса и се афирмираа играјќи за германскиот клуб. Ваквата филозофија на работење на Борусија произлезе од финансиската криза што го донесе клубот на работ на пропаст во 2004 година

Поминаа повеќе од две години откако Џеjдон Санчо го одигра првиот меч во Бундес-лигата за Борусија Дортмунд, но во меѓувреме уште неколку млади фудбалери добија шанса, што ги покажува посветеноста и вниманието на клубот кон младите, талентирани играчи. Во декември лани, Санчо стана најмладиот играч што постигнал 22 гола во Бундес-лигата, откако претходно стана најмладиот од Борусија со 10 гола во Лигата во една сезона (2018/2019). Трансферот од Манчестер сити за околу 12 милиони евра во 2017 година без ниту еден одигран меч за првиот тим на Сити е во согласност со политиката за регрутирање млади играчи на Борусија, пишува во статијата на „Би-би-си“.

– Начинот на кој ги правиме работите не е случаен, инцидентен. Јасна е и очигледна стратегијата да не се купуваат суперѕвезди, туку да се создаваат – вели поранешниот играч од средниот ред на Борусија, сега шеф на младинскиот погон, Ларс Рикен.
Германскиот клуб очекува голема заработка доколку, како што се најавува, летово го продаде Санчо (ќе наполни 20 години во март) за сума од околу 100 милиони евра. Во јануари 2019 година, Борусија продаде уште еден млад играч, напаѓачот на САД, Кристијан Пулишиќ, тогаш на 20-годишна возраст, на Челси за 70 милиони евра, кој потоа остана во тимот како позајмен играч до летото.

Во минатите седум месеци, Борусија направи уште две големи зделки. Во јануари го ангажира талентираниот, 19-годишен норвешки репрезентативец Ерлинг Браут Холанд, кој на пет меча веќе постигна осум гола. Лани во јули од САД беше доведен Џовани Реина (17), син на поранешниот играч од средниот ред на Манчестер сити и на САД, Клаудио Реина, кој дебитира во јануари. Ваквата филозофија на работење на Борусија произлезе од финансиската криза што го донесе клубот на работ на пропаст во 2004 година, седум години откако Рикен постигна гол во финалето на Лигата на шампионите против Јувентус (3-1) за засега единствената европска титула. Во последниот тим што триумфира во Бундес-лигата, со Јирген Клоп како тренер во 2012 година, играа Марио Гоце и Матс Хумелс, кои дојдоа како млади, непроверени играчи на 19-годишна возраст. Двајцата подоцна му беа продадени во Баерн за над 70 милиони евра.

– Осман Дембеле и Пјер-Емерик Обамејанг не беа суперsвезди кога дојдоа во Борусија. Ние ги развивавме за да станат суперѕвезди. Тоа е многу важно за клубот. Доведовме и други, многу добри играчи, но и млади, како Холанд и Џио, кои имаат лесни нозе. Прекрасно е да се гледаат – вели Рикен.

Борусија се гледа себеси како успешен фудбалски клуб што ги применува високите стандарди во младинскиот погон, како што го прави тоа и на сениорско ниво. Тие, исто така, ја сфаќаат пошироката одговорност за младите играчи што минуваат низ нивниот систем, сонувајќи да го достигнат Геце, кој го постигна победоносниот гол за Германија во финалето на СП 2014 во Бразил.

– Ако имаат проблеми во училиште или во други области од животот, ние сакаме да им помогнеме да ги решат. Имаме и социјални работници, а тренерите не ги избираме само поради нивните стручни вештини за обука, туку затоа што имаат пошироки способности – вели Рикен. 


На цена се техниката, брзината и брзината при донесувањето одлуки

Шефот на младинскиот погон Ларс Рикен вели дека нема голема тајна во нивната политика на ангажирање млади фудбалери во Борусија.
– Техничките вештини се многу важни, нивната брзина и брзината при донесувањето на одлуките. Сите играчи во нашиот прв тим се многу брзи. Тоа е неверојатно. Пред неколку месеци имавме играч што играше за младиот тим до 17 години. Тој не беше доволно брз, па решивме да не го ангажираме. Немаше смисла. Друга битна работа е менталитетот. Товарот што го носат играчите е многу тежок. Училиште, фудбал, национални тимови. Сето тоа може да трае 70 или 80 часа неделно. Овие момчиња треба да бидат возрасни, фокусирани и дисциплинирани на многу рана возраст. Нашата цел е да пронаоѓаме и да едуцираме играчи од Дортмунд и од околината. Но ако најдеме играчи од странство со потенцијал, ќе ги испробаме и ќе ризикуваме да потпишеме договор со нив. Сакаме да најдеме некој посебен. Бевме доста успешни со Пулишиќ, со Реина и со Jaкоб Брун Ларсен – вели Рикен за „Би-би-си“.
Ларсен е Данец, кој пристигна во Дортмунд како 16-годишник во 2015 година и во јануари му беше продаден на Хофенхајм за 8,3 милиони евра. Меѓу другите млади играчи што привлекуваат внимание се Швајцарецот Бредли Финк, холандскиот играч од средниот ред Емануел Фераи и напаѓачот на Камерун, Јусуфа Моукоко, пишува „Би-би-си“.