Бобан Бабунски: Вардар беше како магија

87
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Еден подолг период Бабунски беше меѓу клучните играчи на Вардар во 1980-тите години. Тој имаше убава кариера надвор од Македонија, особено во Шпанија и во Јапонија, а беше член на првата македонска сениорска репрезентација. Бабунски му беше и асистент на селекторот на сениорската репрезентација, а неколку години беше на кормилото на младата селекција (до 21 година) на Македонија. Синовите Давид и Доријан тргнаа по стапките на својот татко

Во почетокот од 80-тите години од минатиот век, во ФК Вардар имаше еден наплив на млади квалитетни фудбалери. Сите тие беа предводени од македонската кобра Дарко Панчев, кој прв заигра и тоа во голем стил, за потоа да повлече една цела генерација свои врсници, кои требаше да бидат замена за старите вардарови асови. Еден од плејадата млади фудбалери беше и Бобан Бабунски, кој и ден-денес е одличен другар со Панчев, со кого ја делеа вардаровата судбина, а заедно се радуваа и на шампионската титула освоена во силната Прва лига на поранешна Југославија.
Бобан Бабунски, благодарејќи на својата физичка конституција, а фудбалски „школуван“ на маалските натпревари на скопските улици и во училишните дворови, уште како пионер ги покажуваше своите квалитети.

ПОЧЕТОЦИ ВО ЈУГОКОКТА, АФИРМАЦИЈА ВО ВАРДАР
Интересно е дека уште од дамнешни времиња во Скопје имаше две фудбалски населби, кои имаа квалитетни клубови. Едната беше Автокоманда во која егзистираше МИК, потоа Скопје, кој се натпреваруваше и во Втората југословенска лига, а втората беше Ѓорче Петров, каде што поранешниот Рудар, подоцна Југококта, сега Македонија Ѓорче Петров долги години играше значајна улога на македонската фудбалска сцена.
– Уште како дете го засакав фудбалот и одвај чекав да одиграме некој маалски или меѓуучилиштен натпревар. Но мојот вистински живот како фудбалер почна во школата на тогашна Југококта од Ѓорче Петров, во која прв мој учител ми беше познатиот фудбалски работник и педагог Несторовски. Со него почнав да осознавам нови работи во фудбалската игра. Тој имаше еден неверојатно позитивен пристап кон младите таленти, така што сите си помислувавме дека веќе „бегање“ од фудбалот нема. Јас со Несторовски ги имав првите организирани тренинзи, за потоа откако почувствував дека можам да напредувам уште повеќе да преминам во редовите на младинската школа на Вардар. Тогаш за сите нас, младите фудбалери, Вардар беше како магија. Сите посакувавме да заиграме за него, за да ја почувствуваме во вистинска смисла на зборот таа магија – вели Бабунски.
Во Вардар Бабунски помина низ рацете на сите тренери, почнувајќи од Трпевски и Илиевски, за потоа да тренира со легендарните фудбалски имиња Шулинчевски, Божиновски, Сократ Мојсов, за во оние критични години кога фудбалерите од младинска конкуренција влегуваат во сениорска да дојде во рацете на стариот лисец Андон Дончевски, со кој најдолго се задржа и со кого, заедно со своите другари предводени од Дарко Панчев, во 1987 година ја освои и шампионската титула во Југославија.
– Дончо за мене ќе остане засекогаш во мојата меморија. Тој знаеше на еден само нему својствен начин да нѐ мотивира и да нѐ пушти да истрчаме на теренот со еден, би рекол револуционерен набој. Сите знаете (тоа се пишуваше и во весниците), Дончо нѐ нарекуваше комити, војводи, јунаци и често знаеше да каже: „Вие не се борите само за Вардар, туку се борите за Македонија“. Ни ги споменуваше големите македонски револуционери Гоце Делев, Јане Сандански, Никола Карев, Питу Гули и нѐ идентификуваше со нив. Тоа ни даваше дополнителна сила максимално мотивирани да истрчаме на теренот и да се бориме до последната капка пот. Ете, таков мотиватор беше Дончевски, големото име на македонскиот фудбал – вели Бобан.

ЗАМИНУВАЊЕ ВО ЦСКА ОД СОФИЈА
Бобан Бабунски во Вардар беше во еден од најубавите периоди на скопскиот клуб од 1986 до 1992 година. Тој заигра со сите оние што подоцна направија и убави кариери, како Панчев, Аврамовски, Савевски, П. Георгиевски, Здравков, Станојковиќ, кои стигнуваа и до националниот дрес во поранешната држава. Панчев и Станојковиќ настапија и на Светското првенство во Италија во 1990 година. Во тој Вардар, како поврзување на шампионската генерација со оние што допрва доаѓаа предводници, беа Спасески и Марковски.
– Јас ја имав мојата репрезентативна кариера најмногу во младинската (до 17 години) и во младата репрезентација на Југославија (до 21 година), со онаа позната генерација, која во Чиле во 1988 година ја свои светската титула во конкуренција на фудбалери до 21 година. Во таа репрезентација беа Шукер, Мијатовиќ, Лековиќ, Ѓукиќ, Петровиќ, кои подоцна заиграа и на европска сцена за големи клубови. Јас ги одиграв сите квалификациски средби, а настапив и на Европското првенство, кое се играше во нокаут-систем. По неколкуте победи во 6-7 средби стигнавме до финалето и тука во двата меча бевме поразени од СССР – прво во Сараево 2-4, а потоа и во Москва 3-1. Но и со вицешампионската титула бевме задоволни. Единствено што жалам, иако ги одиграв сите претходни натпревари, е што не отпатував на СП во Чиле. Причина за тоа беше повредата, но сепак, останувам запишан меѓу имињата на таканаречената чилеанска репрезентација – вели тој.
Откако дојде до распад на поранешната држава и почна транзицијата, Бобан Бабунски решава да почне со меѓународната кариера. Тој заминува во ЦСКА во Софија, која со Левски има најмногу симпатизери во Бугарија и нивните дуели личат на оние како помеѓу Ц. звезда и Партизан.
– Полека во ЦСКА се формира и македонска колонија, зашто покрај мене дојде и Ѓоко Хаџиевски, а од играчите Марковски и Ќириќ. За време престојот во Бугарија го освоивме Купот, а во лигата бевме втори. Но моите погледи по една и пол година во ЦСКА беа насочени кон Шпанија, а изборот падна на второлигашот Леида, кој негуваше големи амбиции за влегување во Примера – продолжува Бабунски.
„ЛЕТ“ НА ДАЛЕЧНИОТ ИСТОК
Играјќи за Леида остварува контакти со менаџери и познати личности од фудбалот, кои подоцна, со оглед на тоа што многу се приврза кон Шпанија, ќе им ја отворат вратата на неговите синови Давид и Доријан да станат членови на академиите на најпознатите шпански, па и европски клубови – Барселона (Давид) и Реал Мадрид (Доријан). Тука се едуцираат за подоцна да продолжат да настапуваат за екипи надвор од Шпанија, па во моментов се во Јапонија, каде што многу години пред нив беше и нивниот татко Бобан.
– Јас од Леида заминав во Јапонија и настапував за Гамба од Осака. Тука бев во истиот период кога Хаџиевски застана на кормилото на нашиот голем противник, тимот на Џубило со кој стигна до финалето на шампионската лига на Азија. Меѓутоа, што се однесува до мене јас сум задоволен од моите игри во Гамба. Бев прифатен од гледачите, а што е многу интересно за јапонските љубители на фудбалот, тие и кога играш слабо, а гледаат дека даваш сѐ од себе постојано те бодрат и те наградуваат со аплауз. Тоа просто те тера, иако не ти оди, да издржиш и докрај да се бориш за боите на клубот – вели Бобан.
Потоа, по покана од поранешниот југословенски репрезентативец Степановиќ, кој работеше како тренер, Бабунски заминува во АЕК од Атина. Таму сметаше дека ќе му биде добро, а беше поблиску и до своите. Од АЕК заминува повторно во Шпанија, во Логроњес, за потоа кога почувствува дека доаѓа крајот на кариерата извесно време да мине во германскиот Кемниц.
– Кога се вратив во Македонија, по инсистирање на Работнички одиграв неколку натпревари за тимот од Дебар Маало и тука беше крајот на моето активно играње – вели тој.
За репрезентативната кариера во Македонија и првиот настап против Словенија, како и за тренерско-селекторската кариера на Бабунски, ќе читате идната недела.


Бобан Бабунски
Роден: во 1968 година во Скопје
Кариера: Вардар, ЦСКА (Бугарија), Леида (Шпанија), Гамба (Јапонија), АЕК (Грција), Логроњес (Шпанија), Ст. Труден (Белгија), Кемниц (Германија), Работнички, репрезентативец на Македонија и на поранешна Југославија
Успеси: со Вардар шампион на Југославија, со ЦСКА освојувач на Купот на Бугарија, член на познатата шампионска чилеанска репрезентација на Југославија
Тренерска кариера: асистент-селектор на сениорска репрезентација и селектор на младата репрезентација на Македонија, Работнички и Академијата на Вардар