Бешикташ одби да го доигра скандалозниот меч со Фенербахче во Купот

808

Фудбалерите на Бешикташ нема да се појават за доигрувањето на реванш-дуелот од полуфиналето на Купот на Турција против Фенербахче, информира раководството на клубот.

Средбата беше прекината во 57-та минута при резултат 0:0, кога тренерот на Бешикташ беше погоден во главата од предмет фрлен од навивачите на „фенерите“.

Турската федерација го разгледа случајот и одлучи дека двата тима треба да го доиграат натпреварот пред празни трибини на 3 мај.

– Веќе 115 години сме по фудбалските терени – сме победувале, сме ремизирале или сме губеле. Но за да не влегуваме во улогата на губитници, зедовме решение да не се појавуваме за натпреварот на 3 мај. Ја прифаќаме одлуката на федерацијата со тага и огорченост – пишува во официјалното соопштение на веб-сајтот на Бешикташ.

Првиот натпревар помеѓу двата тима заврши со резултат 2:2.