Бенфика победува и со полна пареа произведува фудбалери

103
Жоао Феликс

Групацијата „Бенфика“ објави дека првпат има годишна бруто-заработка од 300 милиони евра. Меѓу другите фудбалери што биле дел од академскиот систем на најтрофејниот клуб во Португалија се Жоао Феликс, Бернардо Силва, Едерсон, Жоао Кансело, Гонкало Гуедеш, Ренато Санчез, Андре Гомеш…

Бенфика е најтрофејниот и најславен фудбалски клуб во Португалија, кој освои пет од последните шест титули во Примиера-лигата. Но,- она што го прави овој клуб посебен во рамките на европскиот, па и светскиот фудбал, е начинот на кој ги постигнува успесите. Според извршниот директор, Домингош Соареш де Оливеира, како и многу други клубови во фудбалскиот бизнис, и Бенфика се фокусира на три главни области што носат приходи – од продажбата на билети, од спонзорствата и од медиумите и од ТВ-правата. Но фокусирањето на само на тие три дејности, во релативно мала земја како Португалија, би ја довело во прашање конкурентноста на клубот со фудбалските гиганти во петте најсилни европски лиги.

– Пред десетина години решивме дополнителна ставка во приходите да ни стане продажбата на играчи – ја пренесува „Форбс“ изјавата на Соареш де Оливеира.
Во септември, групацијата „Бенфика“, која се занимава и со други бизниси, објави дека првпат има годишна бруто-заработка од 300 милиони евра, односно нето-добивка од 29,4 милиони евра, што е зголемување за над 40 отсто во однос на минатата фискална година. Главниот извор на приходите е од продажбата на фудбалери на најголемите клубови во Европа. Тие играчи се откриени и се развиваат во академијата и во младинскиот систем на Бенфика, за што клубот годишно вложува 10 милиони евра.

Во јули Бенфика му го продаде младиот напаѓач Жоао Феликс на шпанскиот гигант Атлетико за неверојатни 126 милиони евра. Потоа го трансферира Раул Хименез во англискиот премиерлигаш Волверхемптон за 38 милиони евра. Според „Трансфермаркт“, Бенфика остварила профит од над 150 милиони евра во претсезоната 2019/2020. Тука спаѓаат и летните купувања на Раул де Томас (24) од Реал за 20 милиони евра и на Карлос Винишиус (24) од Наполи за 17 милиони евра.
Голем број играчи што биле дел од академскиот систем на Бенфика, сега играат во врвни европски тимови. За издвојување се Феликс, играчите на Манчестер сити, Бернардо Силва, Едерсон и Жоао Кансело, потоа Гонкало Гуедеш во Валенсија, Ренато Санчез во Лил и Андре Гомеш во Евертон.

Соареш де Оливеира вели дека откако клубот ќе ги идентификува децата со потенцијал, Бенфика се обидува да ги развива на три начини. Преку добрите тренери што ги негува, преку добрата развојна методологија и преку технологија со која се следат повредите, спиењето, исхраната и други фактори. 


Академија со околу 200 вработени

Минатата година Бенфика го ангажира Педро Маркеш за технички директор на фудбалската академија, кој претходно осум години работеше во Манчестер сити, во неколку различни стратегиски и развојни улоги. Во Академијата на Бенфика, во која работат околу 200 луѓе, има над 400 фудбалери поделени во различни возрасни групи и во 20 различни тимови. Маркеш ја надгледува работата на повеќе од половината, вклучувајќи ги тренерите, спортските научници, психолозите, нутриционистите и медицинскиот персонал.
– Фокусот на Академијата на Бенфика е да создава вредности. Прво и најважно е промовирање на играчите во првотимци и овозможување да добијат поголема минутажа. Доколку фудбалерите се развиваат во клубот, не мора да се купуваат од други клубови. Главна обврска ни е талентот да го подготвиме и да го проследиме до првиот тим на најдобар можен начин. Знаеме дека не сме најголемата „ајкула во базенот“ на фудбалскиот пазар, таму има богати клубови од најдобрите пет лиги што се подготвени да ги купуваат нашите талентирани играчи – вели Маркеш.