Барселона се враќа на филозофијата на Кројф?

383

Сетиен, кој верува дека некои принципи од шахот може да се применат и во фудбалот, ќе има за задача да ја „реставрира“ познатата офанзивна игра на славниот тим, која се карактеризира со брзина, висок пресинг, кратки, прецизни додавања и голем посед на топката

Барселона му даде отказ на тренерот Ернесто Валверде, а на неговото место го ангажира Кике Сетиен, поранешниот тренер на фудбалскиот клуб Реал Бетис, кој потпиша две и полгодишен договор. Според шпанските медиуми, најголемото изненадување во врска со отказот е долгото чекање на такво нешто.
Валверде (55) со Барселона освои две последователни титули во Ла лига и сезонава е на лидерската позиција, но, и покрај тоа, челниците на
каталонскиот клуб се решија за промена по серијата неубедливи игри под негово водство. Валверде беше под голем притисок и кон крајот на минатата сезона по тешкиот пораз во полуфиналето од Лигата на шампионите, од Ливерпул (0-4), откако Барса го доби првиот натпревар дома со 3-0. Потоа следуваше и поразот во финалето на кралскиот куп од Валенсија, а чашата на незадоволство се прелеа по поразот од Атлетико во полуфиналето од шпанскиот Суперкуп во Саудиска Арабија неодамна. Валверде е првиот тренер на Барса што добива отказ во текот на сезоната, по Луј ван Гал во 2003-та.

Сетиен (61) пристигнува на „Ноу камп“ како високо ценет тренер. По работењето во неколку клуба во пониските лиги, тој го предводеше Лас Палмас до 11-то место во Ла лига во 2016-та, што е најголем клупски успех во минатите 40 години. Потоа во првата сезона со Бетис, во 2017/2018, го освои шестото место и играше во квалификациите за Лига Европа.

За Сетиен се вели дека е тврдоглав по природа, но и оти е голем почитувач на фудбалската филозофија на Јохан Кројф. Тој ќе има за задача да ја „реставрира“ познатата офанзивна игра на славниот тим, која се карактеризира со брзина, висок пресинг, кратки, прецизни додавања и голем посед на топката, која ја снема под водство на прагматичниот Валверде.

– Се сеќавам, кога игравме со Барселона на Јохан Кројф. Целиот натпревар го поминавте трчајќи по топката. Потоа сфатив дека таквиот начин на игра ми се допаѓа, дека би сакал да бидам во таков тим и да знам зошто се случува тоа.
Како е можно тимот да ја има топката постојано во свој посед и да го натера противникот да трча по неа целиот натпревар? Оттогаш почнав навистина да го гледам, да го анализирам фудбалот, да разберам што се случува на теренот и тоа да го применам како тренер – вели Сетиен.

Сетиен е поборник на офанзивна игра, омилена формација му е 4-2-3-1, со голем посед на топката.

– Понекогаш гледате некои играчи што неочекувано играат одлично и вие си мислите, „еј, од каде сево ова“. Се прашувате како одеднаш станаа толку добри и сфаќате дека тоа е затоа што им давате нешто што им се допаѓа, топката – вели Сетиен.
Сетиен е и шаховски фанатик, кој своевремено играл ревијални мечеви против Анатолиј Карпов и Гари Каспаров и верува дека некои принципи од таа игра може да се применат и во фудбалот.