Барселона и Реал произведуваат најмногу?

149

Меѓу првите 10 клуба што имале најмногу фудбалери израснати во својот клуб и кои
во минатите пет години настапувале во најсилните пет првенства во Европа, шест се
од Шпанија, покажа анализата на ЦИЕС

Барселона, со 69 фудбалери е водечка на листата на клубови во анализата на Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) од Швајцарија, за придонесот на клубовите во тренирањето на играчите што настапуваат во најсилните пет првенства во Европа, во текот на претходните пет години. За клубови во кои некој фудбалер „израснал“, ЦИЕС ги смета оние каде што фудбалерите поминале најмалку три сезони на возраст од 15 до 21 година. Рангирањето е направено со собирање на одиграните минути во најсилните пет првенства, од 1 јануари 2014 година.

Тие 69 играчи на Барселона играле за 55 тима, вкупно 319.224 минути. Зад актуелниот првак на Шпанија е нивниот голем ривал, Реал Мадрид со ист број фудбалери, но за 44 клуба, со 304.052 минути. На првите десет позиции се наоѓаат шест шпански, три француски и еден англиски тим. Според дефиницијата што се користи, Кристијано Роналдо и Пол Погба се играчи на Манчестер јунајтед, велат од ЦИЕС.

Најдоброрангирани клубови од преостанатите првенства од т.н. „лига петка“ се Лион (Франција, вкупно на третото место), Манчестер јунајтед (Англија, четврти), Штутгарт (Германија, 13-ти) и Рома (Италија, 18-та). Клубови со најголем придонес надвор од овие пет првенства се Ривер Плата (Аргентина, на 21-то место), Спортинг (Португалија, на 24-то место), Бока Јуниорс (Аргентина, на 37-то место), Ајакс (Холандија, на 38-то место) и Феенорд (Холандија, на 42-то место). Вкупно 1.370 клубови имаат играчи тренирани кај нив што играат во најсилните пет лиги во Европа претходниве пет години, покажа јубилејната 250-та анализа на ЦИЕС.

Од Балканскиот Полуостров на листата на ЦИЕС со 50 клуба се наоѓа само Динамо Загреб (Хрватска, на 48-то место), со 16 фудбалери во 24 клуба од најсилните пет првенства во Европа во анализираниот период.