Барселона е првиот тим со двајца 17-годишници стрелци на меч во ЛШ

107

Барселона го победи Ференцварош дома со 5-1, а Аргентинецот Лионел Меси (33) постигна гол во 16-та сезона по ред во фудбалската Лига на шампионите (вкупно 116-ти), што е нов рекорд. Рајан Гигс од Манчестер јунајтед, исто така, постигнувал голови во 16 сезони во ЛШ, но не во низа.
Меси постави уште два рекорда во Лигата на шампионите (ЛШ). Ференцварош е 36-от тим против кој постигнува гол, односно 69-от во групната фаза, повеќе од кој било фудбалер. Барселона стана првиот тим со двајца стрелци на возраст од 17 години или помалку на меч во ЛШ, откако Ансу Фати е првиот што постигнал повеќе од еден гол во ЛШ пред да наполни 18 години, а Педри го постигна првиот гол за Барселона во сениорска конкуренција. Барса сега е напоразена на 37 средби по ред дома во ЛШ (33 победи и четири ремија).

Алваро Мората, стрелецот на двата гола, се погрижи за успешно европско деби на тренерот Андреа Пирло (41) на клупата на Јувентус на мечот на гости во Киев против Динамо (2-0), пред 15.000 гледачи, во отсуство на Кристијано Роналдо, кој беше позитивен на ковид-19. Играта на случајот посака на клупата на украинската екипа да биде Романецот Мирчеа Луческу, кој во 1995 година му даде шанса на тогаш 16-годишниот Пирло првпат да настапи на меч во Серија А, во дресот на Бреша. Луческу влезе во книгата на рекорди како најстар тренер што предводел екипа на меч во ЛШ, на возраст од 75 години и 83 дена.
Резултати, 1. коло, група Е: Челси – Севилја 0-0, Рен – Краснадор 1-1. Група Ф: Лацио – Борусија Д. 3-1, Зенит – Бриж 1-2. Група Г: Барселона – Ференцварош 5-1, Динамо К. – Јувентус 0-2. Група Х: ПСЖ – Манчестер Ј. 1-2, Лајпциг – Башакшхир 2-0.