Балканот „тежи“ од злато, сребро и бронза

87
Лука Модриќ веќе победи во три избора

Од Балканскиот Полуостров досега седуммина фудбалери освојувале престижни награди (од прво до трето место) во изборот на најдобрите во една година, и тоа четири први (од тоа три Модриќ), седум втори (еднаш Панчев) и три трети места кај ФИФА, УЕФА, „Франс фудбал“ и во изборите по светските првенства

Хрватот Лука Модриќ е третиот фудбалер од Балканскиот Полуостров што добива некоја од престижните награди за најдобри во светот во една година во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), но прв што се закити со највисоката награда. Плејмејкерот на Реал Мадрид победи во изборот за најдобар фудбалер во 2018 година, пред Португалецот Кристијано Роналдо (годинава во Реал и во Јувентус) и Египќанецот Мохамед Салах (Ливерпул).

Во минатото награди од ФИФА од Балканот добивале само уште Бугаринот Христо Стоичков (второ место во 1992 и во 1994 година) и Хрватот Давор Шукер (трет во 1998-та).
Модриќ претходно ја доби и „златната топка“ за најдобар фудбалер на Светското првенство во Русија, а беше прв и во изборот на Европската фудбалска унија (УЕФА) за најдобар годинава. Од позначајните награди за годинава, претстои уште најстариот избор (од 1956 година), тој на францускиот магазин „Франс фудбал“, кон крајот на годинава, како и наградата „Лауреус“, за најдобар спортист во светот (се доделува од 2000 година, никогаш не победил фудбалер, а номинирани биле Роналдо Луис Назарио, Роналдињо, Фабио Канаваро, Кака, Лионел Меси, Андрес Иниеста и Кристијано Роналдо).

Од Балканскиот Полуостров, некои од најзначајните награди во светот на фудбалот (од ФИФА, од светските првенства и од „Франс фудбал“, и тоа од првото до третото место) досега ги добиле седуммина, меѓу нив и Дарко Панчев, најдобриот фудбалер на векот во Македонија. Некогашниот центарфор на Вардар, Црвена звезда, Интер… беше на делба на второто место во изборот на „Франс фудбал“ во 1991 година, заедно со Црногорецот Дејан Савичевиќ и со Германецот Лотар Матеус (таа година победи Французинот Жан Пјер Папен).

Од другите, прв на една ваква листа кај „Франс фудбал“ се најде Србинот Драган Џаиќ (трет во 1968 година), потоа Стоичков (втор во 1992 и прв во 1994 година), Предраг Мијатовиќ (втор во 1997-та) и Шукер (втор во 1998-та). Награди и од ФИФА и од светските првенства имаат Стоичков, Шукер и Модриќ.