Баерн среќно до 13-та победа во низа

61

Актуелниот европски првак триумфира во Москва, кај Локомотив, со 2-1 со што ја продолжи победничката серија од почетокот на ланската сезона

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Бранителот на титулата фудбалски првак на Европа, Баерн, ја продолжи фантастичната серија од сега 13 победи по ред во Лигата на шампионите (ЛШ) што датира од почетокот на ланската сезона. Последниот триумф во низа Баварците го забележаа на гостувањето кај Локомотив Москва (2-1), пред околу 5.000 гледачи на трибините, во второто коло, група А. Тоа беше 34-та победа на 36 натпревари во сите натпреварувања во 2020 година за Баерн, односно 10 од 10 во ЛШ за тренерот Ханс Дитер Флик.
Баерн последниот пораз во ЛШ го претрпе од Ливерпул (1-3) во реваншот од осминафиналето дома во Минхен, во сезоната 2018/2019. Потоа ги доби сите 13 натпревари во ЛШ, односно 14 на меѓународната сцена ако се смета и мечот против Севилја (2-1) за Суперкупот на УЕФА, притоа постигнувајќи 49, а примајќи само девет гола.

– Навистина тешка победа. Не игравме најдобро што можеме, но на крајот имавме среќа да забележиме триумф. Локомотив одигра одличен натпревар, беа добри во транзиција во вториот дел, напаѓаа со неколку брзи играчи, но на крајот ние излеговме како победници од овој меч – изјави стрелецот на победоносниот гол за Баерн, Џошуа Кимих.
Томас Милер го одигра 545-от официјален натпревар за Баерн, со што се израмни со Клаус Аугенталер. Откако Баерн се натпреварува во Бундес-лигата, од 1965 година, само двајца играчи одиграле повеќе натпревари од Милер, Ханс-Георг Шварценбек (547) и Герд Милер (565).

Резултати, 2. коло, Група А: Локомотив М. – Баерн 1-2, Атлетико – Салцбург 3-2. Група Б: Шахтар – Интер 0-0, Борусија М. – Реал 2-2. Група Ц: Порто – Олимпијакос 0-0, Марсеј – Манчестер С. 0-3. Група Ц: Ливерпул – Митјиланд 2-0, Аталанта – Ајакс 2-2.