Ајакс ѝ стави крај на четвртата фудбалска „империја“

191
Фудбалерите на Ајакс слават во Мадрид

Само Реал, Ајакс и Баерн барем по трипати едноподруго биле прваци на Европа. Крајот на првата доминација на Реал ја донесе Барселона во 1. коло во 1960-та, Ајакс по трите титули беше елиминиран од ЦСКА С. во првиот нокаут-дуел во 1973-та, а Баерн од Динамо (К) во 1977 година во четврт-финалето. Сега Ајакс го симна Реал од тронот, во првиот елиминациски дуел сезонава

Ајакс, четирикратниот првак на Европа (1971, 1972, 1973 и 1995 година), на супериорен начин ја прекина тригодишната доминација на тринаесеткратниот шампион Реал Мадрид во Лигата на шампионите (ЛШ), декласирајќи го во реваншот од осминафиналето, на гости, со 4-1, и се пласира меѓу осумте најдобри тима, со вкупен резултат 5-3. Реал е првиот бранител на титулата по Челси во сезоната 2012/2013 што не се пласирал во четврт-финале во следната сезона на ЛШ.
Ајакс, кој првпат по 2003 година е во четврт-финалето, е третиот тим што постигнува четири гола против Реал во ЛШ, по двата германски тима, Баерн во 2000-та и Шалке во 2015 година.

Во историјата на врвниот европски клупски фудбал, од 1956-та само три клуба, Реал (двапати), Ајакс и Баерн, по три и повеќе пати во низа биле прваци на Европа. Реал своевремено во втората половина од 1950-тите години доминираше во Европа и освои пет шампионски титули по ред (од 1956 до 1960-та). На патот кон шестата титула му застана Барселона, која го елиминира уште во првата рунда, со 2-2 и 2-1.

Ајакс беше вториот тим што освои три титули во низа, во почетокот од 1970-тите години. Но слично како и со Реал сега со Роналдо, по трите титули во низа од тимот си замина клупската легенда Јохан Кројф (во Барселона) и Ајакс уште во второто коло (тогаш се играше само на елиминации, а во првото Ајакс беше слободен) загуби од ЦСКА Софија, 1-0 и 0-2.

По Ајакс, следните три сезони (од 1974 до 1976) доминираше Баерн, со Франц Бекенбауер, Герд Милер, Сеп Маер и други. Походот на Баварците кон четвртата титула го запре Динамо Киев, во чии редови тогаш блескаше Олег Блохин, 1-0 и 0-2.
Реал има една од најлошите сезони во клупската историја. Пред елиминацијата во ЛШ, истата судбина го снајде и во домашниот куп, каде што загуби од Барселона, а во шпанскиот шампионат заостанува 12 бода, повторно зад Барселона. Падот на Реал Мадрид некои го поврзуваат со заминувањето на Кристијано Роналдо (во Јувентус) и недостигот од неговите голови, но и на тренерот Зинедин Зидан.


По девет години, Реал е сопрен во осминафинале

Првпат по мај 2015-та или долги 46 месеци, Реал е надвор од фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Од почетокот на таа сезона, 2015/2016, досега Реал одигра 47 меча, победи на 32, осум пати ремизира и претрпе седум пораза, со вкупна гол-разлика 112-50. Од 2010 година и елиминацијата во осминафиналето од Лион, Реал во секоја наредна сезона стигнуваше најмалку до полуфиналето во ЛШ. Со најтешкиот пораз на Реал на домашен терен во ЛШ (1-4 од Ајакс во вторникот), по 1.011 дена заврши една успешна серија на „кралевите“ во елитното натпреварување, што почна по триумфот над Атлетико во финалето во мај 2016 година. 


Тотенхем одново ефикасен во второ полувреме

Англиски Тотенхем без примен гол се пласира во четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите. Во првиот меч дома Тотенхем ја победи Борусија Дортмунд со 3-0, а во вторникот на гости славеше со 1-0. Победата ја донесе Хари Кејн со 14-от гол во 17-от меч во ЛШ. Со тоа Тотенхем 17-ти пат од 19 случаи се пласира во следната рунда по победа во првиот меч дома. Англискиот тим постигнува голови во ЛШ на 18 натпревари по ред, сезонава постигна 13 гола, од тоа 12 во вторите полувремиња, вели статистиката на УЕФА.


Резултати, реванш-осминафинале
Реал – Ајакс 1-4
Вкупно: 3-5
Борусија Д. – Тотенхем 0-1
Вкупно: 0-4