Ајакс ги шокира Јувентус и Роналдо

114
Матијас де Лихт

Во реваншот во Торино, Ајакс го совлада Јувентус со 2-1 и се пласира во полуфиналето на ЛШ, првпат по 22 години

Не ми се верува, ова не е нормално, многу е бизарно, немам зборови. Уште еднаш покажавме дека сме силни и оти можеме да играме рамноправно со најголемите тимови, изјави по триумфот над Јувентус и пласманот во полуфиналето од Лигата на шампионите (ЛШ), центархалфот и капитен на Ајакс, младиот Матијас де Лихт, кој е најмладиот холандски фудбалер што постигнал гол во нокаут-рундата во ЛШ, на 19 години и 246 дена.

Елиминацијата на фаворитите Јувентус, претходно и на Реал, посебно фантастичната игра во реваншите и победите на гости, 2-1, односно 4-1, оставија без текст многумина стручњаци и познавачи на околностите во врвниот европски фудбал. На почетокот од сезонава во ЛШ во која почна од квалификациите, Ајакс беше сметан за аутсајдер и ретко кој очекуваше далеку да стигне за што сведочи и квотата во обложувачниците лани во јули, 250-1!

Младиот и полетен тим на Ајакс игра напаѓачки, со висок пресинг, на начин и во стилот како што своевремено го опиша легендарниот Јохан Кројф: „Играњето фудбал е многу едноставна работа, но да се игра едноставен фудбал е најтешкото нешто“.
Во деветтото полуфинале во клупската историја Ајакс ќе игра против подобриот од дуелот Тотенхем/Манчестер сити.

Ајакс, четирикратниот европски првак (1971, 1972, 1973 и 1995-та) првпат по пауза од 22 години, од 1997-та, е меѓу четирите најдобри тимови во ЛШ (беше елиминиран од Јувентус). Ајакс е и првиот тим надвор од Англија, Шпанија, Германија, Италија и од Франција што е полуфиналист, по ПСВ пред 14 години, во 2004/2005.

Ајакс од поодамна е познат како расадник на екстра квалитетни млади фудбалери, почнувајќи од ерата на Кројф во 70-тите години од минатиот век, потоа генерацијата на Едгар Давидс, Патрик Клајверт, Кларенс Сидорф во 1990-тите години, па до сегашната генерација од која неколкумина ќе си заминат летово. Тие го промовираа тоталниот фудбал и освоија три титули. Френки де Јонг (21) веќе се договори со Барселона, за Де Лихт (19), кој е стандарден репрезентативец на Холандија заинтересирани се речиси сите најпознати и најбогати европски клубови, и како што потврди неговиот тренер, Ерик тен Хаг, сигурно ќе си замине летово. Истото важи и за крилниот напаѓач, младиот 22- годишен Бразилец, Давид Нерес, чија следна дестинација би требало да биде Премиер-лигата. За Мароканецот Хаким Зијеч (26), еден од најдобрите на мечот со Јувентус, исто така има многу клубови интересенти.

Од друга страна, останува да се види дали елиминацијата на Јуве (како и лани во четврт-финалето) ќе значи крај за ерата на Кристијано Роналдо (34) за кого лани беа платени 100 милиони евра за доминацијата во Серија А да се преточи во европски триумф и во освојување трета титула првак на Европа. Засега утеха за Роналдо се 126 гола во ЛШ од кои 65 во нокаут-фазата, рекордни во двете категории. 


Меси нерешлив проблем и за Манчестер Ј.

Лионел Меси којзнае по кој пат беше инспираторот и егзекуторот во триумфот на Барселона, овој пат над Манчестер јунајтед (3-0). Тој е најзаслужниот за пласманот на Барселона во полуфиналето на ЛШ во кое ќе се сретне со подобриот од двомечот Ливерпул – Порто.
Меси му даде два гола на Јунајтед, 10-ти во ЛШ, вкупно 45-ти на 42 натпревари сезонава, 10 повеќе од кој било фудбалер во петте најсилни европски лиги. Барселона, пак, ја продолжи серијата успешни резултати на домашен терен, на 31 меч без пораз (28 победи и три ремија) што ја започна во септември 2013-та.
– Меси брилираше, ги покажа своите квалитети. Тој е класа за себе и секогаш ја прави разликата во корист на неговиот тим – изјави по мечот менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер.


Технички добар, храбар и без страв!

За мене фудбалер на Ајакс мора да е технички добар, да ја чувствува играта, да биде ментално силен, храбар, да не се плаши од грешки и да има м…!, одговори Роналд де Бур, поранешен истакнат фудбалер на Ајакс во една пригода на прашањето што го претвора талентираниот млад играч во фудбалер на Ајакс.
Тој опис Де Бур го кажа најсериозно, без насмевка. Развојот на младите играчи Ајакс го сфаќа исклучително сериозно, посветувајќи им поголемо внимание во нивната академија отколку кој било друг голем клуб во Европа. Тоа е повеќе од бизнис-модел, тоа е начинот на функционирањето на Ајакс.