„Аѕурите“ со 10 од 10 во квалификациите за ЕП 2020

56
Имобиле постигна два гола против Ерменија

Пласман на финалниот турнир на ЕП обезбедија Данска и Швајцарија

„Аѕурите“ предводени од Роберто Манчини како селектор, во голем стил ги завршија квалификациите за ЕП 2020, со 10 победи на 10-те меча и со импресивна гол-разлика, 37-4! Во последниот меч во Палермо, Италија ја декласира Ерменија со 9-1 (стрелци на головите беа седуммина различни играчи, првпат во историјата) и за малку не ги повторија рекордните победи од 9-0, забележани во пријателскиот меч против Франција во 1920 и над САД на Летните олимписки игри (ЛОИ) 1948 година во Лондон. Рекордна победа во квалификации за ЕП, 2008-та, има забележано Германија, над Сан Марино, 13-0 во септември 2006-та.

Квалификациите без пораз ги завршија уште две репрезентации, Шпанија (31-5), со осум победи и две ремија и Украина, со шесте победи и двете нерешени средби (17-4). Белгија најверојатно ќе ѝ се придружи на Италија, по мечот против Кипар во последната рунда.

Шпанците успешната ја завршија кампања со високиот триумф над Романија (5-0), на мечот што беше последен за Роберт Морено како селектор, кој во јуни го замени Луис Енрике, кој, пак, повторно ќе ја предводи „црвената фурија“.

Швајцарија со победата над Гибралтар на гости со 6-1 и Данска, европскиот шампион од 1992 година, со ремито против Република Ирска во Даблин 1-1 (група Д), си обезбедија пласман на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2020, како 18-та и 19-та репрезентација. За 20-та репрезентација што на ЕП ќе се најде во регуларниот дел од квалификациите (преостанатите четири ќе се добијат по плејофот во март 2020 г. според пласманот во Лигата на нациите), синоќа одлучуваа дуелите во групата Е, Велс – Унгарија, односно Словачка – Азербејџан.