Атлетико три од три во Суперкупот на УЕФА

46

Атлетико Мадрид го совлада Реал со 4-2 во Талин, во меч во кој првпат се сретнаа тимови од ист град

Атлетико е освојувачот на Суперкупот на УЕФА, по триумфот над градскиот ривал, Реал, со 4-2 (Диего Коста 1, 79, Саул Нигуез 98, Коке 104 – Бензема 27, Рамос 63 пенал), во меч што се одигра во Талин, Естонија. Првпат во историјата на Суперкупот, кој датира од 1972 година, играа тимови од ист град – Мадрид.

Атлетико по третпат во трите обиди победува во Суперкупот (2010, 2012 и 2018 год.), и тоа како победник во Лига Европа (ЛЕ). Атлетико е и првиот тим победник во ЛЕ што триумфира против првакот на Европа во Суперкупот по 2012-та (тогаш Атлетико го совлада Челси со 4-1). Покрај Атлетико, три победи во Суперкупот има забележано и Ливерпул. На досегашните 43 вакви меча, 23 пати победувал првакот на Европа, а 20 пати победникот во Лига Европа/УЕФА-куп.
Реал, во чии редови го немаше Кристијано Роналдо, како и Зинедин Зидан на тренерската клупа, не успеа по петти пат да го подигне пехарот и со тоа да им се придружи на Барселона и на Милан.

Навивачите на Атлетико се радуваат, оти не е мала работа да се победи „лутиот“ градски ривал во еден ваков меч и колку толку да се ублажи разочарувањето по двата пораза во финалињата на Лигата на шампионите (ЛШ), во 2014 и во 2016. Оние, пак, на Реал сигурно жалат, бидејќи за нив „смртта, плаќањето данок и триумфите над Атлетико во финалните мечеви“ се трите неизбежни работи во животот!

Аргентинецот Диего Симеоне сега е рекордер според бројот на освоени трофеи со Атлетико, вкупно седум – два во ЛЕ, два во Суперкупот на УЕФА, една титула првак на Шпанија, „кралски“ куп и Суперкуп на Шпанија. Со тоа тој го надмина легендарниот, сега починат, тренер на „црвено-белите“, Луис Арагонес, кој има освоено шест трофеи. Симеоне е и првиот тренер на Атлетико што го победил Реал во три различни финалиња, во Суперкупот на УЕФА, во Суперкупот на Шпанија и во „кралскиот“ куп.

Новиот тренер на „кралевите“, пак, Хулен Лопотеги, е првиот, по Англичанецот Мајкл Кипинг во 1948 година (на мечот против Селта), чиј тим прима четири и повеќе голови на премиерниот натпревар на клупата на „кралевите“. Последен пат Реал примил четири и повеќе голови во ноември 2015-та, под водство на Рафаел Бенитез, но никогаш под палката на Зидан. Првите впечатоци се дека Лопотеги, кој како селектор на Шпанија за две години не загуби ниту еден меч, заговара поинаква игра на Реал од онаа под Зидан (без инсистирање на висок пресинг), со поголем посед на топката и што побрзо нејзино враќање назад откако ќе биде загубена.