Атлетико игра и за да стане шести член на ексклузивниот клуб

26

Досега сите четири клупски трофеи на УЕФА ги освоија Јувентус, Ајакс, Челси, Баерн и Манчестер јунајтед, а од тимовите што играат сезонава за титулата европски првак на Атлетико му недостига трофејот во ЛШ

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Атлетико Мадрид, доколку ја освои Лигата на шампионите (ЛШ), би станал шести член на ексклузивниот клуб со екипи што ги освоиле сите четири трофеи во клупските натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА), трофеите за ЛШ, Лига Европа (ЛЕ, порано со име Куп на УЕФА), Суперкупот на УЕФА и за Купот на победниците на куповите (КПК), натпреварување што веќе не постои. Досега тоа го остварија Јувентус, Ајакс, Челси, Баерн и Манчестер јунајтед.
Слична позиција имаат и Андерлехт, Парма и Валенсија, кои освоија три големи европски трофеи, освен тој за европски првак (Валенсија двапати беше финалист, Андерлехт двапати полуфиналист). Тотенхем лани застана на два меча до влез во елитата, ако го победеше Ливерпул во финалето на ЛШ, а потоа да славеше и во Суперкупот на УЕФА. Милан и Барселона, пак, треба да ја освојат Лига Европа. Милан претходниве години играше во натпреварувањето, но Барселона нема настап по поразот од Селтик во 4-то коло во тогашниот Куп на УЕФА во сезоната 2003/2004.

Прв сите четири трофеи ги комплетира Јувентус, во 1985 година, со победата во тогашниот Куп на шампионите (сега ЛШ). Серијата Јувентус ја заокружи за само осум години (во 1977 победи во Купот на УЕФА, во 1984 година во КПК и во Суперкупот).
На оваа листа втор се запиша Ајакс, со 21 година, од првиот пехар во 1971 година за европски првак, до тој во 1992 година за Купот на УЕФА (во КПК победи во 1987 година).
Челси во 21 век влезе со два трофеја од КПК (1971 и 1998 година) и еден од Суперкупот (1998), а комплетот го дополни во две извонредни сезони. Прво во 2012 година стана европски првак, па во следната, откако беше елиминиран по групната фаза, продолжи во Лига Европа и ја освои.

Баерн првиот европски трофеј го освои во 1967 година, во КПК, во меѓувреме пет пати стана европски првак и славеше во Купот на УЕФА, но дури во 2013 година го зеде и Суперкупот на УЕФА за заокружување на европската колекција трофеи.
Најмногу време му требаше на Манчестер јунајтед, 49 години, од првиот трофеј во 1968 година за европски првак, до 2017 година, за славје во Лига Европа (во меѓувреме во 1991 година победи во КПК и во Суперкупот).


Барем еден финалист ќе игра за прва титула во ЛШ

Во финалето на годинашната фудбалска Лига на шампионите ќе игра барем еден клуб што досега не ја освоил европската титула. Тоа се Аталанта, Атлетико Мадрид, Лајпциг и Пари сен Жермен. Така реши ждрепката, според која во четврт-финалето ќе играат Аталанта – ПСЖ и Лајпциг – Атлетико, победниците од тие дуели ќе играат во полуфиналето, а најдобриот од оваа четворка ќе се пласира во финалето. Од нив, досега само Атлетико играл во меч за титулата, и тоа трипати. На другата страна на ждрепката се поранешните европски прваци Реал Мадрид, Барселона, Баерн, Јувентус и Челси и уште три екипи што сезонава можат првпат да ја освојат титулата и што досега не играле во финалето, Манчестер сити, Лион и Наполи.