Арсенал со поддршка за Озил

36

Новиот тренер на Арсенал, Унаи Емери го поддржа Месут Озил по проблемите на халфот во неговата татковина Германија.

Фудбалерот се откажа од репрезентацијата на крајот на минатата недела, поради односот што го сретнал во Германија по фотографирањето со турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган.

Во отворено писмо, Озил посочи дека почувствувал „расизам и непочитување“ кон себе.

– Арсенал е домот на Озил и тој се чувствува добро тука. Сите сме зад него и се радуваме дека ги започнува подготовките за новата сезона. Ја почитувам неговата одлука, тој е зрел човек и сам проценува. Не сме зборувале, зашто неодамна пристигна во кампот – рече Емери.

Баскискиот стратег претпочита да не влегува во полемики со луѓето кои го критикуваа Озил за неговите активности. Според Емери, германскиот фудбалер е силен психички и случката нема да се одрази на неговата презентација за Арсенал.

– Гледам како функционира, колку е посветен. Убеден сум дека го очекува една многу силна сезона со нас – додаде Емери.

Озил предизвика реакција во Германија по напуштањето на репрезентацијата. Германската влада му одговори дека „повеќето Турци во земјата се добро интегрирани“, додека претседателот на Баерн Минхен, Ули Хенес беше уште поостар во изјавата.

Турскиот претседател Ердоган прокоментира вчера дека „односот кон Озил е расистички и неприфатлив“.