Арсенал со најлош старт на сезоната по 26 години

70
Момент од мечот Челси - Арсенал

Челси беше подобар од Арсенал (3-2), кој прв пат по сезоната 1992/1993 ги губи првите два првенствени меча

Шпанецот Унаи Емери летово седна на менаџерско-/тренерската клупа на Арсенал, наследувајќи го Арсен Венгер, кој 22 години беше на таа функција. Дека воопшто нема да му биде лесно од повеќе причини, Емери се увери многу брзо, уште по првите две првенствени кола во Премиер-лигата, во кои „топчиите“ најпрвин загубија дома од бранителот на титулата, Манчестер сити (0-2), и во саботата од Челси (2-3). Со тоа Емери стана првиот менаџер на Арсенал што ги губи првите два меча на почетокот од сезоната, по Џорџ Греам во сезоната 1992/1993, и поразите од Норич дома (2-4), потоа и на гости од Блекбурн (0-1), за во 3-то коло да го совлада Ливерпул со 2-0. На крајот од шампионатот Арсенал со Греам беше пласиран на 10-то место. Емери е и првиот менаџер на „топчиите“ што ги губи првите два официјални меча по преземањето на функцијата, по Стив Бартеншо, кој во март/април 1986 година доживеа три порази во низа.

Шанса да ја забележи првата победа сезонава Арсенал ќе ја има в сабота, на мечот против уште еден локален лондонски ривал, Вест Хем, кој исто така претрпе два пораза досега, на гости од Ливерпул (0-4) и дома од Бормут (1-2). Но, освен ставање крај на лошите резултати, газдите и навивачите на Арсенал од Емери очекуваат многу повеќе. Пред сѐ, освојување на едно од првите четири места и повторно враќање во Лигата на шампионите (ЛШ) во двегодишната апстиненција и пласманите зад двата манчестерски клуба, Сити и Јунајтед, зад Ливерпул и зад „лутите“ градски ривали, пред сѐ Тотенхем и Челси.

На саботното по малку хаотично дерби, особено во првиот дел, Челси – Арсенал (3-2) на стадионот „Стамфорд бриџ“ имаше сѐ и сешто. Голови, шанси, промашувања, пресврти, возбудувања. Челси поведе со 2-0 само по 20 минути игра, но Арсенал успеа да израмни до крајот на полувремето, притоа пропуштајќи уште неколку стопроцентни шанси да поведе со два, па и со три гола разлика. Тие промашувања на Пјер-Емерик Обамејанг и на Хенрик Микатаријан на крајот се покажаа и решавачки, по победоносниот гол на Маркос Алонсо во 81-та минута. Она што најмногу треба да го загрижува Емери е високопозиционираната последна одбранбена линија со Шкодран Мустафи и со Сократес, на кои очигледно им недостига брзина за еден таков стил на игра. Кога сме кај одбраните, исти или слични проблеми има и Маурицио Сари во Челси, кој треба да се подзамисли и добро да проанализира како играчите на Арсенал толку лесно минуваа низ неговата одбрана и создаваа шанси од кои, да беа малку поконцентрирани, можеа да дадат уште неколку гола.

– Ниту еден од овие два тима не е ниту блиску до освојување на шампионската титула во Премиер-лигата, бидејќи едноставно не знаат да се бранат. Мора да има рамнотежа, особено во двата сегмента, во нападот и во одбраната – беше коментарот на поранешниот репрезентативец на Англија, центархалфот на Манчестер јунајтед, Рио Фердинанд.


Продолжи доминацијата на Челси

Од дербито ќе остане забележано дека Челси ја продолжи доминацијата над Арсенал на домашен терен, забележувајќи ја шестата победа, со едно реми (лани, 0-0) на последните седум средби.
На Еден Азар, кој влезе во игра во 61-та минута, асистенцијата на Алонсо при постигнувањето на третиот гол му беше 41-та во дресот на Челси, со што се израмни со Сеск Фабрегас. Клупски рекордер во оваа категорија е Франк Лампард (90), а потоа следуваат Дидие Дрогба (55) и Џанфранко Ѕола (42), сегашниот помошник на Сари.